Во „Црно злато“ има траги од Стефановски и од Крле, но е приказна за идентитетот: Тандемот Унковски и Дуковски со премиера во МНТ
По „Црно злато“ во март годинава во Београдско драмско позориште, по текст на култниот македонски драматург Дејан Дуковски, во режија на Хрватот Оливер Фрљиќ, со распродадена претстава со која годинава во октомври се отвори и фестивалот РУТА во Драмски, во МНТ доаѓа „Црно злато“ на Дуковски, ама во режија на еден од најзначајните македонски режисери, Слободан Унковски. Премиерата е на 27 ноември, а претпремиерата на 26 ноември. По премиерата, претставата ќе биде на репертоарот на МНТ и на 1, 4 и 29 декември.

Со „Црно злато“, МНТ повторно ги обединува имињата на Дејан Дуковски и Слободан Унковски: тандем кој во македонскиот театар носи препознатлив сценски јазик, силни ликови, провокативни теми и исклучителна драматуршка и режисерска енергија.
Во центарот на приказната е едно семејство, неговите премолчени конфликти, трауми, љубови, загуби и обиди за повторно пронаоѓање на сопствениот идентитет.Ликовите се соочуваат со семејната транзиција, минатото кое не исчезнува и сегашноста која постојано ги враќа едни кон други.

„По успешна театарска година, ние во МНТ сме горди што годината ја завршуваме со претстава со потпис на Унковски и Унковски, тандем, кои се чести соработници и во македонските и во странските театри, рече на денешниот прес во МНТ, директорот Никола Кимовски кој ја спомна целата екипа на сцена и зад сцена за претставата. Во претставата играат Јовица Михајловски, Мими Таневска, Камка Тоциновски, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска и Гораст Цветковски. Сценографијата е на Бранко Хојник, костимите на Александар Ношпал, а музиката на Златко Ориѓански. Асистентка на режисерот е Звездана Ангеловска, асистент на сценографот Мартин Манев, а асистент на костимографот Никола Булески.

Дуковски го посветува текстот „Црно злато“ , како што истакна, на неговиот професор Горан Стефановски (1952-2018), и вели дека многу научил од него како учител, и за драматургијата и за животот. Зборувајќи за „Црно злато“, Дуковски рече дека има траги од Стефановски, но и рефлексија на „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, но не реплицира на таа драма, туку едноставно тргнува од од една можна таква приказна.

Унковски кој последен пат режираше во МНТ во 2022, кога ја постави претставата „Сите сме птици“, според текстот на современиот либанско-канадски автор Важди Муавад, вели дека иако „Црно злато“ влече мотиви од „Парите се отепувачка“ не е ниту фоклорен, ниту е на некој начин натопен во македонско милје, туку е една поширока анализа за идентитетот.
„Не за идентитетот како – јас сум Македонец, туку за идентитетот на секој човек од тоа дали е машко, женско или не е ни машко ни женско, нешто трето, па до други работи. Се обидовме да направиме една претстава која не се бави многу со психологија, повеќе се бави со настани, со динамика, со енергија и со една мала екипа од осум-девет луѓе, што за мене е необично. Се обидовме сите максимално да го отвориме тоа прашање и да ги најдеме можностите одговори за разни видови на љубов, за видови на комуникација и за разни прашања за идентитетот што многу често, за кои многу често се зборува во Македонија, би рекол, многу често и површно“, рече Унковски на денешната прес-конференција.
Претставата трае 2 часа и десет минути.

Главниот лик, ликот на Димитрие го игра Јовица Михајловски.
„Таткото е еден архетип, за жал сѐ уште вкоренет овде на Балканот , а можам да кажам и во регионот, за одбивање на секакви различности и вкоренети сфаќања, традиционални, како што пишува во текстот: примитивен Балканец и патријархална неука будала. Овој текст на Дуковски му е најдобар текст. Јас често сум соработувал и сум играл во неговите текстови и многу ми е драго дека овој текст е напишан во базична смисла, со заплет, со приказна, и со крај каков што има. И мислам дека колку повеќе навлегувавме во текстот, само откривавме поголеми и поголеми богатства што ги содржи. И се надевам дека тоа ќе го препознаете“, рече Михајловски.
Следната соработка на Дуковски и Унковски им е во Солун, каде работат на драматизација на „Мајсторот и Маргарита“ на Михаил Булгаков. Премиерата се очекува на почетокот на 2027. Унковски месецов во Софија го постави и „Скржавец“ по Молиер, во народниот театар „Иван Вазов“, со над 35 актери на сцена. (Л.С.)