Министерот Сулејмани ги посети институциите од културата во Битола
Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани од Музејот на албанската азбука ја почна работната посета на институциите од културата во Битола, каде што ја разгледа постојаната музејска поставка посветена на историското значење на Битола во развојот на албанската писменост и одржувањето на Битолскиот конгрес во 1908 година.
Какo што соопшти Министерството, Сулејмани вчера оствари средби и со директорите на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, Центарот за култура, Народниот театар – Битола и Камерниот оркестар во Битола.

-На средбите со Нуер Арслани, Маргарета Спасов, Сашо Илковски, Васко Мавровски и Љупчо Милевски, Сулејмани се запозна со актуелните состојби во установите, нивните програмски активности, реализираните проекти, како и со предизвиците и потребите за нивно натамошно функционирање и унапредување, наведува Министерството денеска во соопштение.
Во рамките на посетата на Битола, Сулејмани изврши увид и во градежните активности за реконструкција, санација и адаптација на поранешното кино „Партизан“, капитален проект вреден 94 милиони денари.
-Работите се одвиваат со добра динамика и очекуваме во првата половина од следната 2027 година целосно да го обновиме и да го ставиме во функција овој објект, кој ќе прерасне во современ, мултифункционален културен центар. Тој ќе отвори нови можности за одржување концерти, изложби, кинопроекции и други културни настани, но ќе биде и ново место за средба на уметниците и граѓаните, истакна Сулејмани.

Министерството посочува дека Битола е еден од најзначајните културни центри во државава, со богато културно наследство и силна институционална и уметничка традиција.
-Преку инвестиции во културната инфраструктура, заштита и афирмација на културното наследство и поддршка на културното творештво, Министерството за култура и туризам продолжува да создава подобри услови за развој на културниот живот и поголема достапност на културните содржини за граѓаните, се наведува во соопштението.