Молчењето понекогаш има поголем крик и посилна порака: Интервју со Жарко Башески, скулптор

Јас се обидувам да не го детерминирам времето, па и просторот, што значи дека современоста не е важна за суштината која ми е во фокусот, вели новиот дописен член на МАНУ


Фото: Б. Грданоски

Пред скулптурите на Жарко Башески човек не останува само гледач. Станува соочен со сопственото тело, ранливост, со времето што незапирливо поминува. Неговите монументални фигури се толку блиски до стварноста што границата меѓу живото и неживото речиси исчезнува. Но токму во тој совршен реализам, се отвара едно понемирно прашање: што е човекот кога ќе му ја одземеме илузијата дека целосно владее со сопственото тело?

Со изложбата „Корпореалност“ во Белград (којa опфаќа седум скулптури ), а којa наиде на невиден интерес, Башески повторно го поставува човечкото тело во центарот – не како идеализирана форма, туку како простор во кој се запишуваат стравот, осаменоста, притисокот, достоинството и минливоста. Кај него кожата не е само кожа, туку граница. Телото не е само форма, туку сведоштво. А тишината на монументалните фигури  понекогаш зборува погласно од секој крик.

Фото: Б. Грданоски

Од „Leap“ со која ја претставуваше Mакедонија  на Венециското биенале, до „Корпореалност“, неговиот интерес за човекот се движи меѓу физичкото и метафизичкото – меѓу она што може да се измери и она што не може да се допре. Денес, како дописен член на МАНУ, и еден од најзначајните македонски современи скулптори, Башески има зад себе признанија што ја потврдуваат неговата позиција. Но неговите скулптури не бараат признание. Тие бараат поглед.

И токму затоа ова интервју со проф.д-р Жарко Башески, професор на ФЛУ во пензија , за „Независен“  не е разговор само за скулптура. Тоа е разговор за човекот што се крие во телото, за телото што го памети времето и за уметникот кој се обидува да го запре  тоа време во материјата.

Фото; Б. Грданоски

Во „Корпореалност“ телото не изгледа како победник. Напротив, изгледа како тело што носи нешто што не може да се види. Што точно му се случува на човекот што го вајате?

Му се случува се што ви се случува вам и на секој човек на планетава… сите човечки феномени , од сите аспекти, како психолошки, ментален , физиолошки, физички, социолошки и сѐ друго. Секоја скулптура е на некој начин во посебна своја приказна или состојба а сите заедно го сочинуваат човекот.

 

Вашите фигури се толку реални што понекогаш изгледаат пореални од жив човек. Но токму таа реалност станува вознемирувачка. Кога човекот станува пореален како скулптура отколку како човек?

Начинот на вајање е мојот ракопис со кој не би можел поинаку да го опишам тоа што го чувствувам или размислувам во периодот или пред да почнам со реализација на делото. А толку се реални колку што ми е потребно да го прикажам убедливо тоа што го мислам. Реалноста не е причина сама за себе него потреба за јасност и артикулација на мислата во дадениот момент. Всушност и тоа што сакам да го кажам е од реалниот живот и сметам дека и начинот на прикажување треба да биде таков. А хиперреалноста се појавува само во одредени сегменти кај што сакам да потенцирам нешто. Додека вознемиреноста доаѓа од неспремноста на гледачот да се соочи со својата слика во некаква поинаква димензија.

 

Постои еден парадокс: користите совршена техника за да зборувате за човечката несовршеност. Дали виртуозноста е само средство или таа станала дел од пораката?

Мислам дека за да се прикаже несовршеноста треба да се има совршено јасна мисла и техника, оти во поинаква ситуација лесно може да стане карикатура што мене не ми е цел. А виртуозноста настанува со самата долгогодишна работа.

 

Монументалната димензија го менува односот меѓу гледачот и телото. Човекот што стои пред вашата скулптура одеднаш станува мал. Дали сакате гледачот да почувствува сопствена физичка немоќ?

Во принцип, димензијата во моите дела ја определува важноста на тоа што сакам да го кажам и генерално не работам во природна големина (освен една или две) и тоа го сметам за додатен елемент во прикажувањето на човечката состојба. Само во една скулптура (инсталација) „Венера“ намерно ја направив во преголема димензија со цел да ги променам местата помеѓу малите и големите (во физичка смисла) луѓе. Додека човечката немоќ може да се почувствува и во малите скулптури но во други атрибути или движења. Во тоа дело целта ми беше да се обидам да го прикажам чувството на обичниот човек кога би се нашол во позиција на џуџе и како би реагирал во таква ситуација.

Фото: Б. Грданоски

Вашите тела не врескаат. Тие молчат. И токму тоа молчење е можеби пострашно од крик. Дали денешниот човек станал мајстор на прикривањето на сопствениот страв?

Па мислам дека во молчењето понекогаш има поголем крик и посилна порака од колку само врескање. Малите ситни движења се појаки од драматичните и не ретко патетични нагласени реакции. Најчесто јас гледам да го фатам моментот, а не целата состојба. И тоа во суштина е моето истражување и окупација. А колку може човек да прикрие страв не знам, само мислам дека денес сѐ се пренагласува и не ретко и стравот се користи за одредена добит или цел.

 

Колку современото општество е присутно во вашите скулптури? Дали телото кај вас е индивидуално тело или тело на една генерација што живее под постојан притисок?

Генерално, јас се обидувам да не го детерминирам времето па и просторот, што значи дека современоста не е важна за суштината која ми е во фокус. Поретко ги ставам во некоја облека и  тоа кога сакам да прикажам одредена психолошка состојба и не сакам телото да доминира во самата приказна, туку портретот, изразот на лицето како и самото движење или положба на човекот. Значи, главно, преку индивидуалноста ја прикажувам генералната слика или општочовечките состојби , како физички така и ментално психички.

 

Вие сте вајар кој со неверојатна прецизност ја репродуцира кожата, косата, порите, мускулот. Но што е она што никогаш не може да се репродуцира? Што секогаш останува надвор од скулптурата?

Тоа е, како што претходно го нагласив, духовното што претставува една внатрешна слика или скен на сите психички и ментални кодови кои ги наследуваме и обидот да се прикаже физички (материја) преставува исклучително тешка задача на еден автор што се обидува да го материјализира невидливото.

 

Ако би можеле да отстраните една работа од вашите скулптури – реализмот, големината, материјалот или човечката фигура – без што вашата уметност би престанала да биде ваша?

Кога би ги отстранил сите овие работи што ги набројавте би останал свој и препознатлив, сѐ додека имам можност да моделирам во глина. Моментот или процесот што се одвива при моделацијата е суштината на целото мое авторство. Креативниот момент во најголема мерка е во моделацијата (вајањето) затоа што мојата постапка се заснова на класичен пристап на реализација сѐ до моментот на завршната изведба во материјал. Исто така, современиот момент кај моите дела не се наоѓа само во материјалот, туку и во начинот на моделирање и пристапот кон различните материјали што ги употребувам. Фактот што многу тешко се доаѓа до современи материјали и големата борба да се дојде до нив, ме научија на сосема нов пристап кон нив. Секој автор што користи силикони, полиестери епоксиди и слични нетипично скулпторски материјали, мора да развие своја техника и начин на практикување на истите. А тоа е долг и макотрпен процес, но сепак на крај моделацијата во глина е најкреативниот и најважниот момент во создавање на делото… барем во мојот случај.

Фото; Б. Грданоски

И едно, можеби најлично прашање: кога цел живот го проучувате човечкото тело, што научивте за човекот што не сте го знаеле пред да почнете да вајате?

Научив дека телото во најголем случај е 3Д слика на на духовното што го носи човекот и обратно, духовното (интелектуалното) менталното, на одреден начин го обликува телото (физичкото). А ако мислите на чиста анатомија, тоа никогаш не ми била цел , туку средство за убедливо реално прикажување на состојбата што дадениот момент сакам да ја прикажам. Сугестивноста на приказот или чувството што го пренесува делото, во голем процент зависи од убедливоста и умешноста во манипулација со човечката анатомија.

 

А што научивте за себе?

Научив дека за да прикажам друг човек морам пред сѐ јас да се истражам и да навлезам кај себе и дека најтежок момент во скулптурата е да се дојде до внатрешноста, суштината на една личност преку материја. Да се прикаже духовно преку материјално. Не знам колку сум успеал во тоа но обидите се уште траат и се надевам дека донекаде сум ОК, но имам уште многу за истражување.

 

Пред повеќе од една деценија ја претставувавте Македонија на Венециското биенале со „Leap“, дело поврзано со идејата за надминување на границите  на човекот. Денес вашите тела изгледаат како да се соочуваат токму со границите на човекот. Што се промени: човекот или вашиот поглед кон него?

„Leap“ беше проект за еден аспект од човечката желба или нагон за себенадминување. И тоа е еден од многуте аспекти во кои се согледува сложеноста на една индивидуа. Очигледно во тој период сум бил повеќе окупиран и целиот фокус ми бил во обидот да направам нешто што би ми ги надминало дотогашните резултати. Сметав дека е возможно и мислам дека успеав (барем така се чувствувам) со голем напор, многу жртви и посветеност мислам дека се надминува човек сам себе и покрај секојдневните препреки и лимити што му стојат на тој пат. Следните скулптури беа точно тие човечки слабости кои го следат низ секојденевниот живот. Точно, границите се големи, но поривот и желбата за рушење на истите секогаш е посилен и шансите за надминување се секогаш поголеми. Мислам дека кога човек ќе се сврти кон себе и добро погледне и размисли за себе, би можел да го подигне прагот на моќ и сила за себенадминување.

Фото: Б. Грданоски

Венециското биенале е место каде што уметникот наизбежно станува и претставник на една земја. Кога денес гледате наназад, дали чувствувате дека сте ја претставувале Македонија – или дека Македонија преку вас била ставена во еден поширок, универзален разговор за човекот?

Моите дела ја претставуваа Македонија со сета моја енергија и знаење внесени во нив на најсилен и најискрен начин и пристап, но… мислам дека македонските институции не го направија тоа како што заслужува една таква светска (можеби најголема) манифестација. И тоа се повторува до ден денес и не знам што треба да се направи за да се разбере важноста на меѓународните настапи од страна на одговорните институции. Формална, површна, аматерска, со минимална посветеност, без доволно финансиска поддршка, медиумска, па и на крај државничка. А ја претставуваме државата. На оваа тема има многу што да се зборува, но сега мислам дека фокусот на овој разговор е сосема друго.

 

Во 2025 избран сте за дописен член на МАНУ, наскоро ќе го одржите пристапното предавање. По една вакво признание, што останува како најтешка задача  за уметникот: да го оправда признанието или да го заборави?

Ни едно ни друго. Авторот има свој пат кој не треба да го напушта и да дозволи да му влијаат би ло какви награди или признанија. Се разбира, дека тие треба да му бидат само некаква потврда дека се движи во права насока… ништо друго. Значи не да го мисли признанието или да го правда, туку да продолжи да работи. И тоа е.