Министерот Исмаили го отвори Фестивалот на стилизирани песни и ора „Кенге Јехо“ во Струга


Развојот на една нација се мери преку културните настани и токму овој фестивал, кој со години ги пренесува албанските традиционални и културни вредности, е еден од најзначајните за градот Струга, рече министерот за култура Хусни Исмаили вчера на отворањето на 28. издание на Меѓународниот фестивал на стилизирани песни и ора на албанскиот народ „Кенге Јехо“.

– Ова е 28-та година по ред како Струга е домаќин на фестивалот на албанската фолклорна уметност „Кенге јехо”. Факт е дека овој фестивал сега се мери со параметрите на векот бидејќи досега се реализирал повеќе од четврт век. Тоа значи зрелост и поинакво оценување на сработеното. Фестивалот веќе го помина тестот на времето и секое ново издание веќе не е резултат само на ентузијазмот и на добрата волја туку и на долгогодишното искуство и сите оние вредности стекнати низ годините, истакна министерот за култура.

Тој додаде дека секогаш кога се зборува за Фестивалот „Кенге Јехо“, треба да се истакне дека еден ваков културен настан е од особено значење за зачувување на традицијата и негувањето на богатиот фолклор на албанскиот народ како дел од светското културно наследство.

Исмаили на присутните им посака пријатни мигови во следењето на настапите на фолклорните друштва од Албанија, Косово, Прешево и од земјава на трите фестивалски вечери.