Министерката Кочовска ги омаловажила сите вработени во институциите, смета СДСМ
СДСМ ја оквалификува како „дрска и непримерна“ изјавата на министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска дека таа работела саботи и недели додека другите вработени биле на одмор, како и дека ќе си заминала ако ѝ се намалела платата.
Министерката Димитриевска Кочоска на брифинг со новинарите на прашање дали ќе се намалт функционерските плати откаико минатата година по одлука на Уставниот суд се зголемија за 78 отсто, рече дека решениете не е во намалувањето на функционерските плати. Според неа министрите работат многу и напорно.
„Не знам што ќе правиме, но ако планираат да ги намалат јас заминувам“, рече таа.
Министерката објасни дека министерската плата е 115 илјади денари и таа работејќи во приватна фирма пред да стапи на функцијата заработувала повеќе.
„Не мора да бидам тука, нека дојде друг тука да се справува, додека се тие по одмори, јас и сабота и недела бев на работа. И немав платено прекувремено. Прашајте по институции со дополнително управни одбори колку земаат, прашајте фамилијарно колку земаат и како се врзани и што прават“, рече Кочоска.
На ова реагираа од СДСМ.
„Знае ли Кочовска само колку медицински сестри, лекари, пожарникари работат и по два до три дена без пауза? Истите за кои таа вели дека нема да се покачуваат платите? Знае ли колку е навредливо и за вработените во институцијата која ја води да го кажува тоа? Дали заради тоа што можеби смета дека не заслужуваат таа ја поддржува политиката платите да не растат?“, реагираат од СДСМ во соопштение до медиумите.
Од таму посочуваат дека додека се правдаше како немало пари за покачување на платите буквално за ниеден вработен, додека смета дека минималната плата не треба да се качува, таа себе се прогласува за највредна и затоа нејзината плата не смее да се чепка.
„ВМРО-ДПМНЕ секој ден докажува дека е најарогантната Влада која сме ја имале и дека никој освен тие не е важен. Според ВМРО-ДПМНЕ сите треба да работат за минимум, но тие највредните може да патуваат со бизнис класи и да уживаат во своите примања“, велат од СДСМ.
Инаку, министерката Димитриеска Кочоска, како што стои во нејзината биографија објавена на официјалната интернет страница на Владата „е реномиран финансиски консултант и економист, со долгогодишно искуство во областа на контролинг, финансии и даноци“.
Таа е дипломиран економист на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што е избрана за студент на генерација (2002-2006) со просек 9.55, а потоа се стекнува и со титулата магистер по економски науки со специјализација во областа финансиски менаџмент.
Професионалната кариера ја започнува во 2006 година со платена пракса во Македонски Телеком АД Скопје. Во истата година, таа се приклучува на Министерството за финансии во Скопје како дел од Секторот за јавен долг и Одделението за ЕЛС.
Од 2007 до 2014 година, Димитриеска Кочоска работи во Стопанска банка АД Скопје, каде што е дел од Секторот за корпоративно банкарство. Во 2014 година, таа е назначена за член на Управниот одбор и директор за финансии на АД Електрани на Македонија, позиција што ја извршува до 2017 година.
Од 2018 до 2020 година, таа работи како финансиски консултант во КФК ДООЕЛ во Скопје, каде што повторно се враќа во 2020 година, по кратката служба како дополнителен заменик министер за финансии во техничката влада.