Минимална плата

Интервенцијата за минималната плата е последната во серијата државни мерки со кои се гасат пожари - но колку ваквите ад-хок решенија се одржливи на подолг рок


Работниците успеаја да издејствуваат зголемување на минималната плата на 18 илјади денари, и тоа без одложување, веќе од март оваа година и без парцијално зголемување „на рати“, туку во целост и веднаш. Гледано од овој аспект, ова е голема победа на синдикатите кои поддршка најдоа и кај Владата. Таа не само што застана зад нивните барања, туку значајно го одврза државното ќесе, одвојувајќи за оваа намена околу 16 милиони евра до крајот на годинава и правејќи го овој договор колку-толку прифатлив и за работодавачите.

Навидум вин-вин позиција во која сите страни се задоволни.

Дали, сепак е така?

Од една страна, важно е да се нагласи дека стандардот на граѓаните одамна не бил на удар како во последниве година-две. Пандемијата и здравствената криза имаа огромно влијание врз економијата и врз примањата на вработените во многу сектори. Повеќе економски институти излегоа со анализи со кои покажаа дека влијанието најмногу го почувствуваа најранливите категории на населението, како и дека доколку не беа пакетите мерки за поддршка на стопанството и на граѓаните, таквиот удар ќе беше уште поголем. Впрочем, тоа го потврдуваат и податоците за сиромаштијата во нашата земја, кои покажуваат нејзино зголемување како и нејзиното враќање на нивоата од пред неколку години.

Како да не беше доволно тоа, на здравствено-економската криза се надоврзаа и зголемената инфлација и енергетската криза, што уште повеќе ги доведе во незавидна ситуација оние кои се на работ на егзистенцијата, но и ставајќи во опасната зона илјадници други граѓани.

Оттаму, потегот за зголемување на минималната плата може да се разбере и како мерка за да се превенира друга многу поопасна неволја која би можела да се ескалира доколку не се преземеше нешто – а тоа се социјални немири поради евидентната скапотија и неможноста да се врзе почетокот и крајот на месецот.

Македонија со години е на дното на скалата според нивото на плати во Европа и меѓу земјите од регионот. Транзицијата не само што не ги подобри работите, туку, напротив, ги влоши, многукратно зголемувајќи ја нееднаквоста меѓу оние што имаат многу и оние кои немаат ништо или многу малку. Ова е мал чекор да се поправат состојбите, но прашање е дали е одржлив на подолг рок.

Ова нѐ носи до другата страна на медалот.

Фактот дека за реализирање на мерката се користат буџетски средства (без што, за волја на вистината не ќе можеше да се дојде до посакуваниот резултат) , отвора многу дилеми и прашалници. Како прво, за продуктивноста и за конкурентноста на економијата. Понатаму, дали суспендирањето на пазарот е добра стратегија?

Интервенцијата за минималната плата е последната во серијата државни мерки со кои се гасат пожари – претходно тоа беше направено со прогласување кризна состојба во енергетиката, што доведе не само да се издвојат пари за државната ЕСМ, туку и за поддршка на приватни компании како што е БЕГ, или за ЕВН, на која ѝ се даде можност за одложено плаќање на обврските кои таа ги има кон производителот на електрична енергија, односно кон Електрани на Северна Македонија.

И сето ова заради мир в куќи. Исто како што претходно тоа беше направено со замрзнување на цените на основните животни производи.

Проблемот е што ваквиот вид интервенционизам отвора други проблеми кои ги засегаат приватните субјекти, но и значаат своевидно враќање во времето на планскиот социјализам.

Искуството покажува дека вакви мерки се неодржливи на подолг рок, особено доколку не се проследени со зголемување на продуктивноста и во мала и отворена економија како македонската, која што разменува најголем дел од своето производство и услуги со светот. И особено кога нивото на јавниот долг е големо и кога просторот за надворешно задолжување е веќе исцрпен.

Ваквото оддалечување од основните постулати на пазарната економија, на неприкосновеното дејство на понудата и побарувачката, само покрива некои од клучните проблеми во домашната економија, како што е неопходноста од незиното структурно трансформирање.

Никој веќе не споменува „рестартирање на економијата“, ниту дека „кризата е можност да излеземе посилни и поспособни во пост-ковид ерата“. Наместо подолгорочни решенија, се преземаат ад-хок мерки.

Во тој процес „заслугите“ не се само на страна на државата, која ставајќи капа врз сѐ што може, си отвора простор полесно да манипулира за свои, политички придобивки и за уште поголем клиентелизам. „Путер на главата“ имаат и многу домашни бизнисмени и компании на кои очигледно полесно им е да се потпираат на многубројните државни тендери, дотации, бенефиции итн. отколку да откриваат нови пазари, да создаваат нови и повредни производи и да вложуваат во иновации. Кога би било поинаку, нивниот отпор кон зголемувањето на минималната плата би бил многу помал, или воопшто би го немало, особено кога квалитетната работна сила станува сѐ по дефицитарна на пазарот.

Голем проблем во нашата земја е и веродостојноста на податоците. Официјално, мерката се однесува на околу 80-100 илјади вработени, но кога првиот човек на синдикатот ќе каже дека и ним им е јасно дека голем број од вработените кои спаѓаат во категоријата минималец, тоа всушност не се (дури половината од оваа бројка), бидејќи дел од примањата ги добиваат на рака, проблемот добива нова димензија. Потоа, доколку во практика се појават случаи да им се враќа на газдите дел од ваквото зголемување, тоа само ќе ги поткопа напорите на Владата да им се помогне на ниско платените вработени.

Такво нешто можевме да видиме и во текот на минатата година кога од УЈП ги презентираа податоците за државна помош за исплата на плати во екот на здравствената криза, кога не мал број фирми наместо да им ги исплатат на вработените, парите ги задржуваа за себе, односно за работодавачите.

Затоа, за да има целосен ефект зголемувањето на минималната плата и новиот механизам кој што е предвиден за нејзиното усогласување, во однос на просечната плата, ќе треба да се спроведуваат и многу други активности со кои ваквите вентили ќе се затворат уште во старт. И не само тоа, туку повторно да се афирмираат пазарните принципи, да се поттикнува растот на продуктивноста и на конкурентноста и да се сузбиваат сивите зони во економијата.

Дури во таков амбиент вработените ќе може да сметаат да го добијат она што реално и им припаѓа – плата која ќе им овозможи достоинствена живеачка без притоа некого да молат.