Минчев: Бугарија нема интерес за признавање на „бугарско малцинство“ во Македонија


Бугарија не е заинтересирана да бара признавање на „бугарско малцинство“ во Северна Македонија, објави на Фејсбук познатиот бугарски политиколог Огнен Минчев.

Според него,  врз база на билатералната бугарско-македонска декларација од 1999 година е утврден принципот земјите да имаат обврска да ги почитуваат индивидуалните права на своите граѓани на самоидентификација и слободно изразување на својот идентитет во доброволни здруженија во сферата на граѓанското општество.

Минчев во објавата додава дека бугарската држава признава рамноправни граѓани, а не малцинства и мнозинства.

– Крајно време е во бугарските институции, најмногу во Министерството за надворешни работи, да започнат да раководат компетентни луѓе и да се запре донесувањето парцијални одлуки. Големата „беља“ што ја направија разни „патриоти“, не може да биде поправена со нови „идиотски решенија“, извадени од контекст и национален интерес, вели Минчев.

Во петокот вршителот на должност шеф на бугарската дипломатија Светлан Стоев изјави дека Министерствоот за надворешни работи би сакало Бугарите во Северна Македонија да бидат впишани во Уставот на земјата заедно со останатите наброени народи во него.