Милошоски објаснува измени во Изборниот законик, Левица не сака да ги потпише

Тој ја обвинува Левица дека сака да глуми жртва, иако се согласила како да се распредулваат парите за изборното рекламирање


Фото: Б. Грданоски

 

Потпретседателот на Собранието и пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој беше дел од работната група за измени на Изборниот законик, денеска објави дека Левица, чии претставници учествуваа во изготвувањето на предлог-законското решение, не сакаат да го потпишат. Милошоски тврди дека добар дел од предлозите на Левица бил вграден во предлог-измените за што постојат записници. Тој дава некое објаснување за измените, туку елаборира само за изборното рекламирање и ја обвинува левица дека без причина ја повлекла согласноста.

Милошоски вели дека предлог-измените на Изборниот законик ќе бидат поднесени со сите усогласени измени според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но без измените во членот 76-д, кој се однесува на средства за изборно рекламирање, за што Левицата треба да поднесе амандман. 

„За овој член ќе биде оставена можност Левица да поднесе амандман според усогласениот компромис кој го предложи на работната група, и тој ќе биде поддржан. Она што е договорено чесно е да се почитува, без разлика што копредлагач за распределбата на буџетските средства за рекламирање беше Левица. Не е коректно на работните средби да се бараат буџетски пари за рекламирање, а во јавноста да се глуми девственост и жртва на наводен заговор“, пишува Милошоски на Фејсбук. 

Според него, ВМРО-ДПМНЕ дал предлог за изборното рекламирање соодносот на бројот на пратеници да биде објективен критериум за користење на 97 % од средствата, а 3 проценти да бидат на располагање на партиите што немаат пратеници во Собранието, но за него не бил постигнат консензус. Согласност била постигната за предлог што го дале ДУИ и Левицата. 

Консензусот бил: 42% за двете најголеми партии од позицијата, 42% за двете најголеми партии од опозицијата, 8% за партиите што имаат пратенички групи, а не се меѓу четирите најголеми, 5% за партиите што немаат пратенички групи и 3% за вонпарламентарните партии/група избирачи. „Никаков заговор, никакви интриги“, вели Милошоски.

Тој вели дека иако беа копредлагачи на ова решение, денеска пратениците Крмов и Реџеп Исмаил известиле дека нема да бидат потписници на предлог-измените на Изборниот законик.

„Она што е договорено чесно е да се почитува, без разлика што копредлагач за распределбата на буџетските средства за рекламирање беше Левицата. Не е коректно на работните средби да се бараат буџетски пари за рекламирање, а во јавноста да се глуми девственост и жртва на наводен заговор“ – објаснува Милошоски.