Милевски – Брнз: Неприфатливо е во 21 век прашањата да се решаваат со војна
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска оствари средба со амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз.
На средбата тој изрази загриженост за настаните во Украина, но и очекување дека Декларацијата за поддршка на оваа земја ќе биде безрезервно поддржана во Парламентот.
-Целосната и безрезервна поддршка на САД на демократските вредности за нас е многу важна, неприфатливо е во 21 век прашањата да се решаваат со војна, ова е време кога треба да работиме на економскиот, на социјалниот и на демократскиот развој на нашите држави и на нашето интегрирање во ЕУ, рече Милевски.
Тој на средбата ја информираше амбасадорката за приоритетните прашања за развој на општините. Истакна дека се продлабочува фискалната децентрализација и дека приоритет се институционалната децентрализација и дигитализацијата на општинските услуги.
Милевски ја нагласи поддршката што УСАИД ја обезбедува во процесот на фискалната децентрализација преку зајакнување на капацитетите на општините за транспарентно и отчетно управување со јавните финансии.
Амбасадорката Брнз изрази поддршка и надеж дека реформите ќе продолжат со уште позасилено темпо, во интерес на граѓаните. Во тој контекст ја истакна важноста од соработката меѓу централната и локалните власти и ја поздрави иницијативата на Министерството за локална самоуправа за воспоставување на директна соработка на градоначалниците од земјава со нивни колеги од соседните земји, како и од земји членки на Европската Унија.
-Ја цениме вашата поддршка на Украина, заложбата за почитување на правото и на демократските вредности, нашето заедничко трансатлантско единство и решителност се најефективниот начин за да се спротивставиме на агресијата. Ние сме посветени на дипломатијата, дипломатскиот пат го обезбедува единственото трајно решение за сите, во интерес на народите и на демократијата, рече на средбата амбасадорката Брнз.