Мијалков си го бара пасошот: Ќе одел на операција во странство


Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, бара судот да му го врати пасошот за да оди да се лекува во странство.

Според нашите информации, Мијалков отишол во СЈО со еден куп медицинска документација со која побарал да му биде вратен пасошот кој му се наоѓа во Кривичниот суд како една од мерките за претпазливост, откако беше пуштен од притвор за случајот „Титаник 2“.

Специјалното јавно обвинителство испратило негативен одговор до Кривичниот суд, односно обвинителката која го води случајот, Фатиме Фетаи, проценила дека Мијалков нема доволно аргументи за да му биде вратен пасошот, а мислењето оттаму било потпишано од шефицата Катица Јанева или од нејзините заменички.

Од Кривичниот суд потврдија дека Мијалков месецов поднел барање да му се врати пасошот, но Кривичниот совет уште не донел одлука. Сепак, оттаму велат дека поранешниот директор и претходно си го барал пасошот назад, а месецов го поднел последното барање.

Еден од неговите адвокати, Љупчо Шврговски, во разговор за „Независен весник“ вели дека причината која ја навеле за да му биде вратен пасошот било тоа што Мијалков имал закажано операција на хранопроводот во странство.

„Има закажано операција на хранопровод на 14 август. Таа операција не се прави кај нас и има известување од Клиниката дека такви операции кај нас не се прават туку во странство“, ни изјави Шврговски.

Шврговски не беше сигурен дали Мијалков треба да се лекува во Германија или во Чешка, но според неофицијални информации поранешниот шеф требало да се лекува во Прага, европската престолнина која постојано беше поврзувана со неговите бизниси. Последната одлука дали на Мијалков ќе му биде вратен пасошот треба да ја донесе кривичниот совет на Судот и да одлучи дали ќе го прифати или не мислењето на Специјалното јавно обвинителство.

Мијалков заедно со Камчев е осомничен во истрагата за случајот „Империја“, предмет кој се најде во фокусот по скандалот со случајот „Рекет“ во кој е вмешана и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Дали Јанева зела пари или била злоупотребена како што тврди, сè уште се собираат докази, но обвинителството тврди дека има докази дека Бојан Јовановски зел 1,5 милион евра рекет од бизнисменот Орце Камчев.

Камчев заврши во притвор за „Империја“, а Мијалков пред него за случајот „Трагет – Тврдина“, но излегоа оттаму околу Нова година на предлог на Специјалното јавно обвинителство што го потпишала Јанева. По неколку месеци поминати во куќен притвор, Камчев беше пуштен да се брани од слобода со одлука на Врховниот суд. Мијалков, пак, иако чекаше иста таква одлука од Врховниот суд, заврши повторно во притвор во Шутка откако беше осуден на три години затвор за изборни нерегуларности во случајот „Титаник 2“. Апелацискиот суд го пушти во домашен притвор, а откако поминаа шеесетина дена од одлуката на Апелацискиот суд, тој беше пуштен на слобода бидејќи против него беше поднесен обвинителен предлог и против него се водеше скратена постапка.

За изборните нерегуларности на локалните избори во 2013 година, односно во „Титаник 2“, беа осудени шест лица. Мијалков и поранешните членови на ДИК, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, беа осудени на три години затвор, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, беше осуден на три години и два месеца, а највисока затворска казна од четири години и шест месеци му беше изречена на Бедредин Ибраими. Против сите беше поднесено обвинение за злоупотреба на службената положба и овластувања, а против Мијалков беше поднесен обвинителен предлог за примање награда за противзаконито влијание, кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години. Во ваков случај се поднесува обвинителен предлог и се води т.н. скратена постапка. Бидејќи против Мијалков бил поднесен обвинителен предлог и се водела скратена постапка, тој може да биде во притвор најмногу 60 дена.

За случајот „Титаник 2“ во притвор заврши и Бедредин Ибраими. И нему Апелација му одреди куќен притвор, а потоа му беше укинат. Според информации од СЈО, тој дал гаранција во недвижности во износ од околу 600.000 евра.

Мијалков е обвинет во четири случаи на Специјалното јавно обвинителство, а Камчев единствено во случајот „Империја“. Камчев беше пуштен на слобода со одлука на Врховниот суд, но неговиот пасош му беше вратен со мислење потпишано од Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева. Јавноста беше затечена кога го виде осомничениот бизнисмен како ја слави победата со ракометарите на „Вардар“ во Келн. Јанева се правдаше дека му го вратила пасошот бидејќи имал голем број фирми и вработени, кои чекале плата од него. Камчев се појави како сведок во случајот „Тортура“ заедно со новинарката Оливера Трајковска. На излегување од судот ја прегрна и заедно позираа пред медиумите, порака со која најверојатно сакаше да каже дека не е срушен. Многу брзо потоа беше обелоденет случајот „Рекет“, а судбината на случајот „Империја“ за кој обвинителката Лиле Стефанова тврди дека има докази, останува неизвесна. Со новиот закон за Јавно обвинителство овој случај може да го преземе новото обвинителство кое ќе се формира. Сега тоа треба да ги докажува тврдењата дека од Македонија биле испумпувани пари во офшор-компании во странство.

Фросина Факова-Серафиновиќ