Михаел Рот: Однесувањето на Бугарија ги јакне националистите во регионот


Германската медиумска мрежа РНД, пишувајќи за несупехот на ЕУ да ги почне преговорите со Македонија, прстот на вината го вперува кон Бугарија. И вели дека тешко може да се најде некој во ЕУ кој повеќе се залага за проширувањето од Германија, па сепак и таа, за време на нејзиното претседателство, доживеа неуспех. РНД нагласува дека главната причина за блокадата на Бугарија се тврдењата дека македонскиот идентитет, јазик и историја имаат бугарски корени и дека Северна Македонија е „измислена нација“.

РНД вели дека дури и посредувањето на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и министерот за надворешни работи Хајко Мас, било залудно поради тврдиот став на Софија.

Министерот за Европа во германската влада, Михаил Рот, убедува дека нивното претседателство направило сѐ за почеток на првата меѓувладина конференција со Македонија, но дека не успеале. „Имаше добри предлози на масата. Времето не е целосно истечено, но работата не изгледа добро“.

Рот ја обвини бугарската влада дека со ваквото однесување наштетува на безбедноста во регионот:

„Ако сега не го одржиме зборот и со тоа ги зајакнеме националистичките и популистички сили во регионот, тоа исто така ќе има последици по безбедноста и стабилноста на Бугарија. Со тоа го сечете сопственото месо. Сето натамошно двоумење се толкува како слабост на ЕУ“.

Тој го повторува познатиот став на Берлин: „Ако сенките на билатералното минато станат аргумент за спречување на заедничка иднина во Европа, тогаш ќе си наштетиме себеси. Северна Македонија и Албанија направија многу далекусежни отстапки – сега ЕУ мора да го одржи својот збор и да го започне процесот на пристапување“.

Денеска се одржува виртуелен состанок на Советот за општи работи на ЕУ со кој ќе претседава Михаил Рот. Пред неговиот почеток во изјавата Рот рече дека „билатералните барања на една земја-членка кон кои другите 26 земји-членки не можеа да се приклучат се причината што Северна Македонија не можеше да ги започне преговорите“. И покрај неуспехот, Рот рече дека денеска на дневен ред повторно ќе ја стави темата за проширувањето на ЕУ. 

„Ќе разговараме за проширувањето на ЕУ. За жал досега не успеавме да го исполниме напредокот за кој самите веќе се усогласивме“, рече Рот. „Како претседавач со ЕУ правиме сѐ што можеме за во најбрз рок да се дојде до компромис и да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, а по исполнувањето на некои дополнителни услови, и со Албанија. Сѐ друго ќе биде тешка политичка грешка со цена по стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан и тоа тешко ќе ја загрози и безбедноста на Европа. За тоа треба сите да бидат свесни“, изјави Рот пред почетокот на денешниот состанок на министрите за надворешни работи и Европа на ЕУ.