Пендаровски до Мицотакис: Ние сме најподготвената земја кандидат во историјата на ЕУ
Веројатно сме најдобро подготвена земја кандидат во историјата на Европската Унија. Значи потребна ни е, заслужуваме реална можност за да ги започнеме преговорите и се потпираме на вас, на вашата поддршка, како и секогаш, рече претседателот Стево Пендаровски на почетокот на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Атина.Пендаровски истакна дека Грција е меѓу најсилните поддржувачи на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и изрази надеж дека утре во Словенија, заедно со многу други европски пријатели и Атина ќе го поддржи барањето на сите земји од Западен Балкан, а главно на Северна Македонија.
– Ќе треба конечно да започнат пристапните преговори со Европската Унија нешто што го чекаме многу време, бидејќи ги исполнуваме сите предуслови, истакна претседателот.
На почетокот од средбата, му објасни на Мицотакис дека во тек се напорите за наоѓање решение со Бугарија, но и дека намерата не е да се скрати патот до Унијата, туку да се исполнат сите предуслови и предвидени процедури. Додаде дека веќе 16 и пол години чекаме и „дојден е моментот да започнат преговорите, кои траат со години“.
– Она што го бараме, не е да станеме членки преку ноќ, туку да ни се даде шанса да започнеме преговори, а во продолжение ние и многу наши европски пријатели да ги финализираме сите пристапни делови, поранешни поглавја. Подготвени сме. Веројатно сме најдобро подготвена земја кандидат во историјата на Европската Унија. Значи потребна ни е, заслужуваме реална можност за да ги започнеме преговорите и се потпираме на вас, на вашата поддршка, како и секогаш, истакна претседателот Пендаровски.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, изрази задоволство за посетата, но и спомена дека ЕУ перспективата на регионот ќе биде една од темите на утрешниот самит во Словенија.
– Како што знаете, придаваме големо значење во зајакнувањето и продлабочувањето на нашите билатерални односи, но и на промоција на интегративниот процес на Северна Македонија. Тоа е прашање за кое ќе имаме можност да разговараме утре во Словенија, во рамките на самитот ЕУ- Западен Балкан. Драго ми е што нашата со билатерална соработка оди напред со стабилни чекори во енергетиката, одбраната, поврзаноста и меѓуграничната соработка, рече Мицотакис.
Пендаровски и Мицотакис размениле мислења и за севкупните билатерални односи меѓу двете земји.
-На средбите ми беше потврдено дека Преспанскиот договор ќе го почитуваат независно од ставовите што некои од тие актери ги имале порано низ годините, дека важи и дека сакаат целосна негова имплементација, рече Пендаровски во изјава за македонските медиуми.По потврдата што ја добил од грчка страна, претседателот ја истакнал и нашата посветеност за целосна имплементација на Договорот и тоа „до последната точка и запирка“.
-Ние сме апсолутно сериозни во тој дел. Имаме јасна политичка намера да го имплементираме сето она што е внатре напишано и во таа смисла замолив и од наша страна поголема ажурност во однос на неколку елементи, компоненти на Преспанскиот договор кој заради Ковидот пред се се најде во вид на стенд бај. Станува збор за двете комисии кои се направени во меѓувреме и постои еден Совет кој треба да прави евалуација на постигнатото. Првиот е меѓувладин совет кој правеше таква евалуација во 2019 година, од тогаш наваму немаме, рече претседателот и објасни дека Советот функционира на тој начин што двете влади испраќаат свои највисоки политички претставници и проверуваат што е направено, што не е направено, зошто не е направено.
Во однос на комисиите за трговските ознаки и за образовните, историски и археолошки прашања, го повтори и она што го соопшти на почетокот на средбата со грчката претседателка – дека дадени се одредени датуми тие комисии да почнат да се среќаваат повторно по пауза од година и пол.
Објасни дека Комисијата за археолошки, историски и образовни прашања пред пандемијата имаше одржано шест средби и „она што е позитивно е дека првите четири записници се веќе усогласени, усвоени и потпишани од двете страни“, а другите два записника веројатно ќе бидат усогласени и потпишани до крајот на годината ако се случи онаа средба која е во најава.
На средбите станало збор и за имплементацијата на Договорот од Преспа од грчка страна, односно за промената на таблите во земјата, нешто за што, според Пендаровски, било разговарано и со амбасадорот на Грција во Скопје, а образложението е идентично.
„Велат дека се сменети таблите на самиот граничен премин, а не се сменети оние коишто се во внатрешноста затоа што наводно, според нивните закони, тоа било надлежност на општините“.
За трите меморандуми кои сѐ уште не се ратификувани во грчкиот Парламент, претседателот рече дека образложението што го добил од неговите соговорници во Атина е дека „внатрешната политичка динамика на Грција е специфична, дека е зависна од ковидот, но и од некои внатрешни состојби и констелации и дека најмногу од тоа ќе зависи ратификацијата на тие договори“.
-Во тој дел тие замолија за трпение. Велат, немаме ниту една политичка причина да го уриваме Преспанскиот договор и во првиот погоден политички момент кога тоа ќе биде можно ќе го поднесеме за ратификација. Значи, нема никаква намера да се опструира Договорот, ниту да се опструира билатералната соработка со Република Северна Македонија. Зависи најмногу, ја цитирам неговата фраза која ја употреби, од внатрешната политичка динамика во Хеленската Република, објасни претседателот.
Посебна тема на разговор, како што рече претседателот Пендаровски, бил самитот во Словенија.
-Го замолив како влијателен член на Европската народна партија последниве години и како премиер на една земја членка која би морала да го знае целиот назив на Преспанскиот договор, тој не е само за решавање на разликите во името, туку и за воспоставување стратешко партнерство на Северна Македонија и Хеленската Република, дека во тој дел очекуваме негова поддршка и помош со оние претставници од земјите членки коишто се се уште скептични, во прв ред со Бугарија, а се разбира и со другите кои евентуално би имале негативна забелешка за втората држава која неформално е третирана со нас во пакет, Република Албанија, објасни претседателот.
Рече дека не побарал некои гаранции или некакво ветување, бидејќи тоа не зависи од него.
-Добив јасна заложба и јасна изјава од негова страна дека тоа до сега го правел, а ќе го прави и понатаму и притоа тој спомна неколку имиња на влијателни политичари на земји членки на ЕУ кои не се директно инволвирани во спорот, но можат да влијаат во позадина и да се обидат на тој сеевропски собир да објаснат кој е резонот, која е каузата зошто Западниот Балкан треба генерално да се приближува кон Брисел, а сега не се приближува, истакна претседателот.
-Спорот помеѓу Скопје и Софија треба да се реши пред сѐ билатерално, а сите други треба да направат амбиент и да креираат атмосфера во која ќе стане јасно на целата ЕУ, на сите земји членки дека прашањето на интеграција не само на Северна Македонија во ЕУ туку и на целиот Западен Балкан во последниве години стана и геостратешко прашање. Затоа има дополнителна тежина и не треба да се чека, има екстра регионални играчи, има ентитети кои се залагаат за поинакви политички модели и управување, не би смееле да дозволиме алтернатива на европскиот и евроатлантскиот цел на вредности, посочи претседателот.
Објасни дека постојат контакти на работно ниво меѓу двете министерства за надворешни работи, иако Бугарија има техничка влада и повторно е во кампања, а не ја исклучи можноста, иако не постои официјална потврда, во Словенија да има средба на нашиот претставник и на бугарскиот претставник.
-Она што е значајно и дека ЕУ и словенечкото претседателство негуваат надеж и се обидуваат на секаков можен начин главните актери и тие во позадина што им помагаат и што им олеснуваат и кои седат на маса да ја завршат целата работа до крајот на годината и најверојатно, ако воопшто се договориме со нашите пријатели во Софија, тоа би било во периодот од 21 ноември кога завршува вториот круг на изборите во Бугарија и се до првите 10-15 дена од месец декември, објасни претседателот Пендаровски.