Мицкоски ќе се справува со бизнисмените што имаат милионски возен парк, а се пријавени на минималец

Бранко Азески порача дека многупати бизнис заедницата била излажана пред изборите и се закани дека е можно и да го пресели капиталот од земјава ако се продолжи така


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со Стопанска комора на  Македонија, најави дигитална трансформација и проверка на имотната состојба како дел од сеопфатната борба против криминалот и корупцијата.

–Дигиталната трансформација која ќе биде приоритет на идната влада. Не може да се борите против криминалот и корупцијата, посебно на државно и институционално ниво доколку не воведете своевиден вид на отчетност и транспарентност на работењето на тие институции. Ценам дека преку дигиталната трансформација на општеството ние ќе обезбедиме таков тип на отчетност и транспарентност да може граѓаните да ја следат работата на администрацијата, буквално во секој момент, изјави Мицкоски.

Мицкоски посочи дека денеска за жал многу од процесите кои треба да ги води администрацијата и луѓето кои ја водат, кои често пати се именувани од владата, се длабоко навлезени во сомнежи за сторен криминал и корупција. Затоа, смета тој, ваков тип на отчетност и транспарентност во голема мерка ќе им ги врзе рацете и ќе го намали маневарскиот простор и луѓето кои се дел од таа администрација ќе можат без притисокот од претпоставените да го водат процесот онака како што треба и како што заслужуваат граѓаните.

– Многу е важно да го спроведеме и процесот на проверка на имотната состојба на граѓаните. Јас тука реков ќе почне од мене, се пријавувам како доброволец заедно со моето потесно и пошироко семејство. Тој процес може многу лесно да се спроведе со споредување на неколку бази на податоци, меѓу кои на Катастар, УЈП, Централен регистар и тн. Ако се споредат тие, ќе видиме како бизнисмени со милионски возен парк се пријавени на минималец и се поставува прашањето како тие успеваат да го стекнат тој милионски возен парк или пак имот во недвижнини. Или, како многумина кои во минатото биле дел од политиката станале просечни или натпросечни бизнисмени, тие или нивните семејства, како наеднаш им тргнал бизнисот, како наеднаш илјадакратно го зголемиле својот капитал, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски додаде дека не само политичари бизнисмени, тука и бизнисмени кои биле дел од судството, обвинителството несразмерно го зголемиле својот капитал што не соодветствува на приходите кои ги имале, а кои се податок што го поседува УЈП.

-Ние имаме закони на хартија, но тие или не се спроведуваат или малку се спроведуваат и ние ќе почнеме сериозно да ги спроведуваме, рече тој.

Мицкоски нагласи дека за да не биде лицемерие или со двојни стандарди тој се пријавува прв за проверка, а потоа нека се проверат сите останати.

– Да видиме како се располагало, како роднини на политички моќници купуваат недвижнини во центар на главен град, други градови или како се стекнуваат со деловни простории од милиони евра. Не можеме да зборуваме за иднината ако нема одговорност за минатото, мора да имаме иднина на која граѓаните ни веруваат, изјави Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на критиките на СДС на програмата 1198, истакна дека СДСМ освен критики немаат што друго да понудат.  Мицкоски посочи и дел од проектите каде ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на олеснување на работата на компаниите, рамен данок, борба со сивата економија, реформи во УЈП како и ревизија на Фондот за иновации.

„Јас  од СДС сигурно не очекувам и од ова раководство на СДС да излезе и да рече браво ВМРО-ДПМНЕ брилијантна програма имате. Ние вечерта ја презентиравме програмата, тие веднаш утрото, претпоставувам седнал некој таму и искуцал соопштение до јавноста полно со критика, со напад кон ВМРО-ДПМНЕ и кон програмата.  Тоа според мене е неодговорно однесување, бидејќи партијата која што нема програма и партијата која што воопшто не претстави програма во јавноста не треба да настапува така“, рече Мицкоски.

 Тој кажа и дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на олеснување на работата на компаниите, на рамен данок, борба со сивата економија, реформи во УЈП како и ревизија на Фондот за иновации.

-Тие мерки што сметаме дека се позитивни ќе бидат дел од програмата на идната влада. Не цениме дека работата на оваа влада на СДС и ДУИ во изминатите 7 години беше добра посебно во делот на економијата. Посебно овде го издвојувам делот со УЈП и во Фондот за иновации каде што се потрошени неколку стотици милиони евра. Ќе видиме каде завршија тие пари и кои се ефектите. Во делот на даночната политика на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ветуваме предвидлив рамен данок, којшто во даден момент е 10 %, исто така предвидуваме и за мултинационални компании кои што ќе консолидираат добивка во Македонија до 5 %, данок на добивка. Предвидуваме јасна политика во делот на парафискалните давачки, во делот на царинската политика, регулаторната гиљотиња сето тоа кое што е содржано во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Сметаме дека на тој начин ќе го олесниме работењето на компаниите и ќе ја придвижиме економијата напред. Како и резолутна борба со сивата економија, посочи Мицкоски.

Претедателот на Стопанската комора, Бранко Азески рече дека бизнисот е фактор кој може да обезбеди подобра иднина на Македонија и особено подобра за младите.

-Се согласивме со Мицкоски дека не треба да се прават компромиси на сметка на економскиот развој. Ако не обезбедиме консензус за враќање на правната држава, за борба против корупцијата и за намалување на администрацијата нема да биде можен економски развој. Ние ќе ја охрабруваме идната влада да има таква бескомпромисна политика. Не сакаме да бидат само потврдувани разните желботеки кои се повторуваат на секои четири години, туку бизнис заедницата сака професионален однос и контакт бидејќи се работи за економија, за конкретни пари. Затоа, владата мора да биде внимателна во работата и да не глуми водење економија зашто тоа создава негативни парични ефекти. Од каде да се почне? Мора и од образованието, но тоа дава резултати дури по 10-15 години. Затоа во моментов е битно да се тргне од самата черга, колку пари има од тоа да се започне. За да не се задолжуваме и долгот да им се остави на младите, рече Азески и нагласи дека тоа што го слушнал од Мицкоски и неговата делегација оди во таа насока.

Мицкоски во обраќањето рече дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде исклучително внимателна дури и конзервативна кога станува збор за давање на ветувања, особено во делот на економијата на која, нагласи, ќе биде ставен акцент.

„Претседателот на комората Бранко Азески спомена дека ние политичарите правиме список на желби, а најчесто потоа не ги реализираме. Но, ние имаме внимателен пристап, имаме проекција како ќе се одвива буџетот во наредните четири години и со колкав фискален простор може да се располага. Како идна Влада со овој внимателен пристап, со одлучна борба против криминалот и корупцијата, со применливи и остварливи мерки во економијата, со голем фокус врз образованието и пазарот на труд, обезбедување на основни услови за да можат нашите граѓани да веруваат во системот, ќе го оствариме она кое што го предвидовме и за кое што разговаравме со претседателот Азески и со неговите соработници. Тоа е Македонија да има еден динамичен раст, а така ќе ја вратиме довербата на граѓаните и зошто да не и на оние кои што се разочараа и заминаа. Да се обидеме да ги вратиме назад“, рече Мицкоски.

На новинарско прашање за колкави даноци се говори во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече економската програма на актуелната влада ќе биде предмет на ревизија.

„Имаше и иновативни рецепти за пица, па ќе видиме, ќе правиме анализа каде заминаа парите на граѓаните. Особено ќе бидеме внимателни кон ревизијата што ќе ја правиме за работата на Управата за јавни приходи. Што се однесува на даноците, ветуваме предвидлив рамен данок намален на 8 проценти, а данок до 5 проценти на добивка за мултинационалнио компании за да се придвижи економијата напред. Мора да водиме битка со сивата економија каде гледаме голем простор за работа. Не може едни компании кои се дисциплинирани и редовни плаќачи на данок да работат на сметка на други компании кои ја стимулираат сивата економија. Законот во тој поглед ќе важи на цела територија на државата“, рече Мицкоски и нагласи дека не се шегува дека законот ќе важи на сите 26 илјади километри квадратни на Македонија.

На прашањето дали им верува на ветувањата на политичарите, Бранко Азески рече:

-Да, ние сме излажани во многу изборни циклуси. Тоа сега нема да го дозволиме, зашто ако веќе си го излажал човекот, тој потоа не ти верува. Сакаме да поддржиме секоја влада која чесно ќе вети и потоа ќе оствари. Се што ќе биде преземено од идната влада ќе го следиме и ќе реагираме ако е потребно. Ќе ги користиме и врските со САД и со ЕУ кога ќе увидиме дека владата презема нешто на штета на бизнисот или на државата. Со советодавнто тело ќе водиме контрола на мерките што се преземаат. Можеме и да го преселиме капиталот надвор, но како бизнис заедница која е главниот полнач на буџетот свесни сме за одговорноста кон државата и граѓаните, рече Азески.