Мицкоски: За прв пат на месечно ниво имаме базична инфлација во негатива

„Тоа е месечната ставка, вклучително и годишната ставка ако се гледа споредено со јули имаме намалување од 4,9 на 4,4 проценти. Очекувам тој тренд полека да продолжи и да дојдеме до оние стабилни проценти би рекол, 2, 2,5 проценти. Тоа е она кое што го очекуваме во периодот кој што следи“, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот став во однос на информацијата дека месечната ставка за август за инфлацијата е намалена во однос на јули.
Инаку, под базична инфлација се подразбира инфлацијата која ги исклучува цените на енергијата, храната, алкохолот и тутунот, кои имаат тенденција да бидат понестабилни од другите. Според економистите базичната инфлација нуди попрецизна слика за состојбата на економијата.
Базичната инфлација се пресметува врз основа на промените во цените на малопродажните стоки и услуги што се формираат според пазарните услови. Не ги вклучува цените на сезонските стоки и услуги, како и цените на стоките што подлежат на каков било режим на регулирање.
Премиерот Мицкоски нагласи дека ако се направи длабинска анализа ќе се види дека на месечно ниво за прв пат базичната инфлација е во негатива, односно во минус.
„Но она кое што е важно е ако се направи длабинска анализа ќе се види дека на месечно ниво за прв пат базичната инфлација е во негатива, односно во минус. Тоа е добар индикатор дека имаме полека стагнирање и намалување на базичната инфлација која што беше главен драјвер, двигател на генералната инфлација. Мерките не се така интензивни кои што ги правевме, ние се одлучивме и покрај критиката која што ја добиваме од одредени невладини, синдикални здруженија итн. да водиме многу внимателна макроекономска политика, да направиме баланс помеѓу растот на платите и инфлацијата, односно секогаш растот на платите да е повисок барем двојно да гледаме од тоа што е растот на инфлацијата. Така што во нето граѓаните да имаат подобар стандард, така ќе продолжиме без интервенционизам“, рече Мицкоски и додаде:
„Интензивни се контролите на ДПИ и на Комисијата за заштита од конкуренција, нормално не правиме од тоа естрада и парада па сето тоа да го соопштуваме пред камера, но континуирано имаме мониторинг и најмалку еднаш до два пати неделно добивам извештај од двете институции“.