„Добивме само членство во НАТО, а не и бесплатно здравство“: Мицкоски за Преспанскиот договор
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го поврза Преспанскиот договор не само со членството во НАТО, туку и со ветувањата за бесплатно здравство и подобро образование и ги обвини „евробирократите“ за заглавениот европски пат.
Тој денеска од Струмица рече дека тие „евробирократи“ (ако меѓу нив се и Емануел Макрон и Ангела Меркел) „ни ветуваа дека ќе имаме големи придобивки од потпишувањето на тој договор – бесплатно и поквалитетно здравство, образование, повеќе за младите, веднаш ќе влеземе во НАТО, веднаш ќе ги почнеме и ќе ги завршиме преговорите, но ништо од тоа не се случи. Ако се исклучи членството во НАТО, сè друго не се реализираше“.
На осмата годишнина од Преспанскиот договор тој силно го критикуваше СДСМ дека и денес „испраќа пораки полни со конструкции и лаги“.
„Поучени од тие лекции од минатото, ние денес ја водиме нашата надворешна политика без гланцање чевли на евродипломати во Брисел и коленичење, туку која се темели на аргументи. Така се бориме во овој момент и така создаваме пријатели. Ова не е спринт, ова ќе биде маратон, имајќи ги предвид грешките од минатото. Но, ние сме подготвени да се бориме, се бориме и така ќе продолжиме“, рече премиерот и додаде: „Битно е дека Македонија забрзува и дека како многупати во минатото и овој пат ќе победиме“.
Тој рече дека нема никаков проблем да се сретне со сите соседи и да разговара на сите теми, па и за оние за кои не постои согласност. За овие две години Мицкоски се нема сретнато официјално ниту со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, ниту со албанскиот премиер Еди Рама, ниту со некој бугарски премиер. Иако има средби со нив на маргините на некој меѓународен собир.
„Со нашиот јужен сосед работиме на многу проекти, меѓу кои и гасниот интерконектор, нафтоводот, прекугранични проекти… Со Киријакос Мицотакис сме во иста група, во европското семејство на народните партии, со Нова демократија сега се видовме во Тиват“, нагласи премиерот.
Тој вели:
„Јас не живеам од стереотипи и антагонизам, суштината во животот е да создадете пријател повеќе и во рамките на тоа пријателство да размените ставови на некои состојби со кои не се согласувате. Не може за сè да се согласиме, но важно е да разговараме“.