Мицкоски: „Вратата“ за коалицирање не е затворена за никого

Нема официјална потврда за датумот за избори, ниту пак има каква било потврда дали изборите би биле единечни или би биле раздвоени, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека комуникацијата за изборите во актуелниот политички момент се одвива преку медиумите. Според Мицкоски, важно е политичките партии да постигнат договор, што, како што вели, води кон предвидливо сценарио, и нема да ја втурне државата во уставна или политичка криза. Тој го повтори конзистентниот став на партијата, дека државата не може да си дозволи раздвоени избори од повеќе причини, и дека тие треба да се одржат на почетокот на мај идната година
– Не би рекол дека во рамките на парламентот има какви било разговори. Разговорите, како што гледаме, и самиот Ковачевски, но и Владата ги прави преку медиумите. Таму слушнавме дека изборите би биле редовни во мај, таму слушнавме дека изборите би биле заеднички. Споени или заеднички избори – претседателски или парламентарни – се решение. Добро е да се земе почетокот на мај како потенцијална рамка за постигнување решение. Гледам дека тука, односно слушам преку медиумите, дека отприлика тука конвергира ставот и на Владата. Ако има било каква лидерска средба, …со ова решение, ние како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени да го прифатиме, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во интервју за „Гласот на Америка“.
Мицкоски го повтори и ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека е за укинување на техничката влада, бидејќи смета дека со техничката влада не добива државата, туку напротив губи, но додаде дека доколку не се интервенира во Законот за влада и во Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ би номинирала свои членови на кабинетот во таа техничка влада.
Мицкоски, објасни и дека по изборите „вратата не е затворена за никого“ за коалицирање на неговата партија и дека тоа се однесува и за Левица.
– Во политиката никогаш не вели никогаш. Не би било одговорно и незрело би било од мене и од ВМРО-ДПМНЕ да ја затвори вратата за кој било политички субјект. Впрочем, вечерта некаде 20:30 или 21 часот точно ќе се знаат распоредот на силите во новиот состав на парламентот и ќе се наѕираат контурите на новата коалиција што ќе ја предводи, се разбира, ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски.
Но, на прашање со која албанска партија ќе коалицира и што станува со таканаречениот мајски договор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, е категоричен дека тој договор за коалицирање победник со победник веќе не важи, бидејќи ДУИ го прекршила, како и дека шанса за коалицирање треба да ѝ се даде на албанската опозиција, укажувајќи дека е здраво и корисно за ДУИ да помине одреден период во опозиција.
-Не постои веќе таков договор. Тој договор го прекрши ДУИ. Кога го прекрши, ДУИ односно Демократската унија за интеграција, требаше да биде свесен како политички субјект дека кога еднаш зборот во политиката ќе го прекршите, тоа остава лош впечаток за вас, но и остава лош впечаток за лидерството. Така што „мајскиот договор“ за мене, како договор не постои, а што се однесува до потенцијален коалиционен партнер, треба да се даде шанса на албанската опозиција, да води ресори, да имаат одговорност во државата и да видиме со каков капацитет располага албанската, условно кажано, опозиција во Македонија, а ценам дека би било здраво и добро и корисно за ДУИ да помине одреден период во опозиција, да може да ги пронајде своите програмски начела. Бидејќи гледате, од партија која што беше, би рекол самонаречена зелена опција, таа се претвори во партија која што изобилува со најголем број новопечени милионери, вели Мицкоски.
Меѓутоа за разлика од Мицкоски, шефот на македонската дипломатија и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи изјави дека албанските граѓани се тие кои ќе одлучат која партија да ги претставува во Владата. Османи најави и дека неговата партија ќе се повлече и нема да ги претставува Албанците во Владата, ако изгуби на изборите и со само еден глас разлика.
-Албанците во никој случај не можат да бидат претставени во Владата освен од тоа што ја одразува волјата на граѓаните, рече Османи во телевизиско гостување.
Според Османи, ВМРО-ДПМНЕ и некои поединци од СДСМ, кои не се осмелуваат тоа отворено да го кажат, сметаат дека Албанците им го земаат монополот. Тој вели дека ним им пречи рамноправноста на Албанците во Македонија.
-Секогаш ќе кажам, дури и во СДСМ има такви на кои им пречи рамноправноста на Албанците, но не го кажуваат тоа, бидејќи не е точно да се каже дека Албанците ни го одземаат монополот, но велат дека ДУИ прави корупција. Не, не! Албанците го кршат економскиот монопол, истакна потпретседателот на ДУИ.