Мицкоски ветува цврста борба против корупцијата и намалување на бирократијата


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес стави потпис на договорот за  стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена „Твоја Македонија”. Според ВМРО-ДПМНЕ, нивната коалиција е најбројната досега и е составена од 24 политички субјекти кои застануваат „зад бранот на промени кои треба да обезбедат стабилна и силна Македонија“. 

Притоа, партиите во коалицијата се обврзаа дека при реализацијата на програмата за претседателските и парламентарните избори во 2024-тата година целосно и недвосмислено ќе се водате од принципите на одговорност и транспарентност во политичкото дејствување. Како врвен приоритет ако формираат влада тие ги посочија  развојот на економијата, економскиот раст, домашните и странски инвестиции.

-Недвосмислена и цврста борба против корупцијата и намалување на обемната бирократијата се наш носечки предизвик бидејќи цврсто веруваме дека праведноста во општеството е основен предуслов за вкупен развој на татковината. „Твоја Македонија” се обврзува дека жестоко, праведно и принципиелно ќе иницира и ќе поддржи акции на правната држава кои треба да ја вратат разнишаната доверба на граѓаните во институциите на државната власт“, најавија од коалицијата.

Тие апелираа да има масовна излезеност на овие избори бидејќи неизлегувањето на овие избори „подразбира поддршка на неодговорната и криминална власт“. Притоа Мицкоски порача дека не очекува „бело знаме“ од Ковачевски и покрај поразот што му го предвидува:

-Нормално е дека Ковачевски ќе се обиде да го мобилизира своето членство, коалицијата која застана зад Ковачевски и СДСМ. Не очекувам да вее бело знаме и да каже завршена е работата, се предаваме. Тие лицитираат со бројки во партијата, за тоа колкав ќе биде поразот, дали со 30 пратеника разлика или друго“, рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека се фокусирани на позитивна кампања, а власта на негативна кампања.

-Тоа е дел од одлуките за тоа каква политика ќе води СДСМ. Сакаме да излеземе кон граѓаните со програма. Нема да биде ништо ново ако кажеме дека тие не чинат, тоа го чувствуваат 80 отсто од граѓаните“, рече тој.