Мицкоски вели недостигаат пари во Буџетот, од СДСМ му порачуваат да не бара алиби


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва оцени дека состојбата со Буџетот е алармантна и дека недостигаат пари за што истражните органи ќе имаат многу работа во следниот период. Пари за ветеното зголемување на пензиите, вели дека ќе има. Од опсозициската СДСМ, пак, велат дека  ВМРО-ДПМНЕ од прв ден бара алиби за својата неспособност и му порачуваат на Мицкоски да престане да се правда дека немало пари во буџетот, бидејќи, како што велат во соопштение, тоа е алиби за лошите политики кои ги планира како што се прекинување на политиките за раст на платите и задолжувањето од 500 милиони евра од Будимпешта.

Зборувајќи во централниот дневник на телевизија „Сител“, премиерот Мицкоски рече дека за „Национални шуми“ каде вработените немаат земено плата четири месеци, потребни се од 250 до 300 милиони денари, за „Водовод“ од 60 до 100 милиони денари, а недостигаат и три милијарди и 700 илјади денари за земјоделците.

„Направиле Буџет за шест месеци како да знаеле дека нема да бидат повеќе Влада па се труделе што повеќе проблеми да и остават на новата Влада така што милијарди и милијарди денари останале непокриени. Има законски обврски кои морале да ги направат, не ги предвиделе во Буџетот и.т.н. но мислам дека периодот што следи истражните органи ќе имаат многу работа“, рече Мицкоски.

Милијарда и 200 илјади денари, според Мицкоски, треба да се платат и по основ на казни поради тоа што некои од министрите ги прераспределувале вработените во институциите надвор од законот.

Во однос на изградбата на автопатските делници за што претходната влада потпиша договор со „Бехтел и Енка“, Мицкоски рече дека реализацијата е околу четири до пет милијарди и дека не се решени имотно-правните односи иако државата се обврзала дека тоа ќе го заврши до средината на минатата година.

„Државата презела обврска дека ќе треба да го отвори теренот за работа за компанијата изведувач до средината на минатата година. Од средината на минатата година до сега тоа што треба ние како пенали да го платиме кон изведувачот, доколку одлучи да го фактурира, е околу 36 милиони евра односно три милиони евра месечно треба да плаќаме“, рече Мицкоски.

За заемот од 500 милиони евра од Унгарија, Мицкоски рече дека тоа била најдобрата понуда во моментот и дека отворени се за разговор со секоја финансиска институција која ќе даде подобри услови. Смета дека со заемот од Унгарија не би требало да се нарушат односите со меѓународните финансиски институции.

„ Жалам што опозицијата не најде за сходно да го пофали потегот и да честита. Тоа што го гледав повеќе личеше на трагична комедија. Тоа е подеднакво трагично како што велат овие инвестции што Мицкоски ги најавува, ние ги работевме, ама не успеавме да ги срабтиме, па мораше да дојде Мицкоски со неговите соработници да ги сработи. Парите немаат боја, ниту национална припадност. Нека ни дадат други држави подобри услови, ќе ги земеме од таму“, рече Мицкоски.

За платите на функционерите кои со одлука на Уставниот суд беа зголемени за 78 проценти, Мицкоски рече дека проблемот треба да се реши системски.

Реагирајќи на изјавите на Мицкоски, од СДСМ посочуват дека Владата на СДСМ обезбедуваше во континуитет плати за сите вработени во јавната администрација и претпријатијата во сите седум години и во услови на светски кризи.

Граѓаните знаат дека СДСМ цели седум години работеше во апокалиптични економски светски кризи или во економско цунами, ако сакаме да се изразиме со речникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека ниту еднаш не се пожалиле за тоа, а пари се обезбедувале за сите потреби.

„Мицкоски нема намера да работи совесно и одговорно, туку преку обвинувања кон СДСМ да прави буџет со кој ќе ги тера неговите погрешни политики“, велат од СДСМ, додавајчи дека во најтешки економски времиња обезбедиле континуирано покачување на платите и пензиите, обебзедиле повеќе од милијарда евра за директна финансиска поддршка на компаниите и граѓаните во кризите и буџет за сите капитални инвестиции.

„Ако ВМРО-ДПМНЕ не е способна да раководи со буџетот сега кога кризите се зад нас и имаат чиста економска ситуација, тогаш тоа укажува само на голема неспособност“, велат од СДСМ.