Мицкоски: Уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска пред почетокот на лидерската средба во Собранието изјави дека уставни измени нема да има се додека немаме јасен европски пат. Според него, ниту техничката влада ниту уставните измени не се предмет на оваа средба, туку датумот на одржување на парламентарните и претседателски избори.
-На денешниот состанок очекувам да разговараме за тоа што претходно го најавуваше Ковачевски. Ние немаме други позиции освен оние кои што во јавноста беа кажани. Очекувам да слушнам уште една гимнастика од страна на Ковачевски и владините партнери. Јас побарав лидерска средба во формат во кој што тие ќе го изберат уште многу одамна. Правеа обиди за политички гимнастики повеќе недели за да на крај повторно завршиме на ваква лидерска средба. Изгубеното време не можеме да го вратиме, но за неколку месеци ќе им дојде крај и ќе има одговорност, изјави денеска Мицкоски.
Прашан за уставни измени, Мицкоски уште еднаш ги потврди неговите позиции, посочувајќи дека уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат.
-Јас не се шегувам со тоа што го кажувам како наша позиција, бидјеќи вчера политичар на заминување имаше интервју на национален медиум и кажа дека е сигурен и тврди дека ќе има уставни измени дали сега или за шест месеци. Еве јас ќе ви кажам дека уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат и додека немаме јасно поместување на хегемонистичките и асимилаторски политики на нашиот источен сосед кон македонската заедница во Бугарија, а исто така јас тврдам дека за неколку месеци од денеска многумина политичари ќе бидат минато на политичката сцена, меѓу кои е и тој, додаде Мицкоски.
На прашање како ја коментира изјавата на О’Брајан дека не би купил ни возило од него а не да го гласа, Мицкоски потенцираше дека секоја изјава која доаѓа од стратешки партнер е изјава која треба да се анализира.
-Секоја изјава која доаѓа од стратешки партнер е изјава која треба да се анализира. Истовремено, јас како машински инженер на студиите сум ги положил предметите како што се „Моторни возила“ со највисока оценка 10 и доколку на некого му е потребен мој совет какво патничко моторно возило да купи му стојам на располагање, рече Мицкоски.
На новинарско прашање дали ако СДСМ прифати да оди со ДУИ и Алијанса за албанците на избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со опозициски албански партии, Мицкоски одговори дека одлуката со кого СДСМ ќе оди на избори е нивна лична одлука.
-Тоа е нивна одлука. Јас им посакувам среќа. Им посакувам долги години да бидат во опозиција, за да можат да се реформираат и реконструираат и да излезат од криминалната матрица и од прегратките на криминалците во кои се наоѓаат изминатите шест години, додаде Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во својата изјава денеска изрази длабоко сочувство до семејствата на трагично загубените човечки животи. За денешната прес-конференција на министерот за внатрешни работи и обвинителот рече дека слушнале енциклопедиски информации без конкретни докази.
-Денеска е тежок ден и за Македонија и за сите нас. Нема зборови со кои можам да ја изразам сопствената болка. Нема зборови со кои може да се изрази болката и истовремено да се утешат најблиските кои за жал изгубија двајца драги луѓе и за мене ова претставува тежок момент и како родител и како човек. Посебно сум разочаран и згрозен од тоа што бев избрифиран а и делумно го гледав, а што претставуваше прес-конференција на оние двајца луѓе. Таму слушнавме енциклопедиски информации, без ниту еден конкретен доказ и без нешто што и МВР и Обвинителството требало да го преземат, рече Мицкски.