Мицкоски уште еднаш со закани: „Многу скоро ќе има одговорност за случувањата во АД ЕСМ“
Премиерот очекува тешка енергетска зима, цените на берзите на струја во Европа ќе растат
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека „многу скоро“ ќе имало одговорност за она што се случувало во АД ЕСМ, но дека од тоа нема да правеле театар. Тој исто така рече дека очекува зимава во енергетска смисла да биде прилично тешка, најмногу поради состојбата во Украина, што ќе влијае и врз пазарот на електрична енергија во Европа, а со тоа посредно и во нашата земја.
„Многу скоро од денеска, повторувам многу скоро, од истражните органи ќе бидат посочени лицата кои што се одговорни за оваа состојба во која е оставена компанијата. Во 2017 година во август месец, кога престанав да бидам директор на тогашното ЕЛЕМ, во компанијата имаше нула долгови, депозити во комерцијалните банки од 1,5 милијарди денари (25 милиони евра) и некаде околу 480 милиони денари на сметка на компанијата со исплатена плата“, рече Мицкоски.
Денеска компанијата има повеќе од 200 милиони евра долг кој што го покрива со субвенции кои што ги дава владата, додаде тој.
Инаку, прашањето на новинарите се однесуваше на увозот на струја кој што го има направено компанијата откако на предлог на Владата беше именувано ново раководство во АД ЕСМ, при што за набавка на електрична енергија од странство за кусо време биле платени 12 милиони евра.
Запрашан каков е планот да се излезе од оваа криза во која што се наоѓа енергетскиот сектор и што ќе се случува зимава доколку до сега има 12 милиоони евра набавка на струја, Мицкоски рече дека компанијата ЕСМ откако пред помалку од еден месец било именувано новото раководство, затекнале нереализиран долг од отприлика 5 милијарди денари, односно 80 милиони евра.
„Јас не сакам да бидам гласноговорник на компанијата и очекувам деновиве да излезат и тие да го кажат својот став, но ќе спомена некои од параметрите“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека во компанијата имало фактури за увоз на јаглен при што долгот кон правни лица бил околу 1,5 милијарди денари или 25 милиони евра. Во преговори и разговори со тие правни лица добиен е попуст од отприлика 5 милиони евра.
„Може да замислите каде завршувале тие пет милиони евра“, рече Мицкоски.
Според него, едната компанија дала попуст од десет проценти, а другата од 20 проценти што ќе генерира 5 милиони евра попуст на веќе доспеани фактури, што за Мицкоски е „огромен успех“.
Второ, како што објасни, по основ на ископ на јаловина и јаглен биле затекнати долгувања од 2 милијарди денари.
„Тоа е повеќе од алармантна состојба. Во меѓувреме, оспособен е едниот Бетел систем, тоа е багер – транспортер – одлагач, со што на побрз и подинамичен начин рудата која што се копа, односно јагленот стига за потоа да може да се експлоатира и да се произведува електрична енергија“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека хидрологијата во земјава е некаде на 24-25 проценти, што значи акумулациите се речиси празни, а кај хидроелектраните имало ремонти во тек.
„Што значи и ремонтите не ги направиле на време и тоа е отприлика дијагнозата“, рече Мицкоски.
Во однос на она што било преземено изминатиот период, тој рече дека покрај обезбедениот попуст на долгувањето, за да се обезбеди нормално функционирање во текот на зимата ќе биде потребен и дотур на јаглен.
„Ќе ни треба ископ на јаглен, бидејќи тоа е основниот ресурс на кој што се темели нашиот електроенергетски систем. Се прави реорганизација во рамки на самата компанија и веќе почнува да функционира, такви се информациите кои што ги добивам од надлежните таму“, рече Мицкоски.
Тој додаде и дека во однос на набавката на гас, на јавната набавка била добиена историски најмала цена со маржа од 4,97 евра, која што до минатата година била 11 евра.
„Имам чувство дека оваа зима ќе биде прилично предизвикувачка, не поради температурата туку поради состојбата која што, за жал, се случува во Украина. Таму комплетно е уништен електроенергетскиот систем и Украина влече струја од Европа. Што значи дека ќе ја качи цената на електричната енергија на берзите во Европа и ќе ја намали количината, бидејќи зимоска фотоволтаиците односно соларните централи нема да произведуваат како што произведуваа летово. Така што, ние мора да бидеме подготвени“, изјави Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите по промоцијата на новиот апарат за магнетна резонанца во поликлинаката „Идадија“ во Скопје .
Тој сепак уверува дека во АД ЕСМ е веќе организирано нормално и тековно работење на компанијата. (М.Ј.)