Мицкоски тврди дека некои претседателски кандидати купуваат потписи


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски  е „згрозен од информациите според кои се давале пари за потписи за некои кандидати“. Дел од тие случаи, според него, се документирани и предадени до МВР за натамошно постапување.

„Имаше политички опции кои со недели креираа кампања дека за еден ден, за неколку часа, ќе ги собират потписите, но поминаа неколку дена, а тие едвај дали се до половина или близу до половина. Тоа е јасна порака од народот. Згрозен сум од информациите од терен, дека се даваат пари, се плаќа за потписи, некои се документирани и предадени до МВР за натамошно постапување“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој смета исто така дека  на 3 март, за неколку часа, ќе бидат собрани сите потписи за поддршка на нивниот претседателски кандидат, професорката Гордана Силјановска Давкова. 

Според него, ДУИ веќе не е фактор за да наметнува теми, особено не етнички теми и со тоа да ги условува претседателските избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека не треба да и се дава големо значење на идејата на ДУИ за избор на претседател во Собранието.

„Оваа изјава на Ахмети доаѓа во отсуство на други идеи, во услови кога се фатени во огромен криминал се обидуваат со лесен дефокус да градат тема и потоа таа тема да ја пренесат во кампањата и тоа да биде тема во кампањата. Како што беше тема премиер Албанец, сега да биде претседател Албанец. Јас мислам дека треба да се игнорира ова, бидејќи не се фактор за да наметнат таква тема и  мислам дека не треба да се фаќаме за јадицата која доаѓа од политичка опција која набрзо од денеска ќе биде во минатото и ќе одговара за се што го правеа “ – изјави  Мицкоски денеска при посетата на Гази Баба.