Мицкоски со Фетаи се разбира на англиски јазик


Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека комуникацијата со заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи се одвива на англиски јазик. Мицкоски ова го кажа како одговор на новинарско прашање околу одбивањето на Фетаи да го користи македонскиот јазик при давањето изјави за новинари, дури и кога прашањата се на македонски.

„Јас имам исклучително квалитетна комуникација со потпретседателот на Владата на англиски јазик“, рече денеска Мицкоски, појаснувајќи дека Фетаи од својата шеста година е отселен од Македонија и живеел во Белгија.

Мицкоски рече дека Фетаи говори течно четири јазици, меѓу кои француски, холандски, и англиски.

„Нашата комуникација се одвива на англиски јазик. Тој има исклучително квалитетна биографија позади себе, школуван е на врвни универзитети. Знам дека не му е таа намерата како што се обидуваат одредени центри поради политичка злоупотреба да ја дефокусираат јавноста, бидејќи се обидува, се труди да го учи и да го зборува македонскиот јазик. И знам изминатите 15 месеци колку енергија вложува во сето тоа“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека единствената грешка според него, во случајот е ако некој одлучи да се обраќа на албански јазик со себе да донесе преведувач.

„Јас во мое име се извинувам на новинарите и убеден сум, бидејќи веќе разговаравме со потпретседателот, дека тој истото тоа ќе го стори и таа грешка нема да се случи повеќе во иднина“, рече Мицкоски.