Мицкоски шест месеци се бори за преговорите на Македонија со ЕУ, сѐ уште чека резултат


Во Брисел имав исклучително квалитетни средби со новата комесарка за проширување Марта Кос, со новиот претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, како и со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ГД НЕАР), Герт Јан Копман. Ова денеска го рече премиерот Христијан Мицкоски само неколку часа откако се врати од Брисел, каде што присуствуваше на работна вечера што за лидерите од земјите од регионот на Западен Балкан ја организираше новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта.

„За време на вечерата се придружи и Каја Калас, која е висока претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика. Разговаравме за сите теми што се од суштинско значење. Повторно поминуваме низ аргументите, дебатираме, даваме нови аргументи. Сепак, треба да имате претстава дека тоа е комплетно нов состав, вчера им беше вториот работен ден. Информациите што сега ги примаат се практично нови информации за нив“, рече Мицкоски.

Тој очекува во периодот што следува да се развијат и обликуваат определени можни решенија.

„На 17 повторно има редовен самит Европска Унија-Западен Балкан. Ќе бидам повторно во Брисел. Очекувам да имам неколку билатерални средби. Следниот ден имаме работен појадок во рамките на Европската народна партија. И тука очекувам поддршка и реафирмирање на нашиот став во матичното семејство“, вели Мицкоски.

Според него, имаме жестоки и цврсти аргументи, но не верува во инстант-решенија.

„Правиме сè што можеме веќе шести месец по ред, со сите можни личности што можат да играат улога во надминувањето на овој наметнат спор што не ни дозволува да напредуваме кон полноправно членство во Европската Унија, поради егзибиционистичка надворешна политика на претходната Влада, односно политика во која се гледа само до носот, а подалеку од носот никој не гледал. Така, сега мораме и тоа да го решаваме и ќе го решаваме, ќе се бориме нема откажување“, вели Мицкоски.

Додаде дека нема со ниту еден чекор да ги засрамат македонските граѓани ниту, пак, да нанесат каква било лузна на македонскиот идентитет.