Мицкоски, Села и Гаши најавија соработка на изборите


ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива заеднички ќе се борат против корупција. Ова беше најавено на средбата на лидерите на трите партии, Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Африм Гаши кои практично најавија соработка на изборите.  

Тројцата претседатели констатираа дека, водејќи се од извештајот на Транспаренси Интернешенл, според кој Македонија е рангирана на историско најлошото 111 место, станува неминовна опозициската соработка, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат ослободени од корупциското владеење, од нетранспарентното трошење на пари и од злоупотреба на власта на СДСМ и ДУИ на сите нивоа на државната управа.

Затоа, констатираа тие, потребно да се соработува со цел општините да бидат институции во служба на граѓаните, со силен и рамномерен локален економски развој, со буџетска поддршка за децентрализација во областите образование, култура и спорт, како и со тежнеење да бидат зелени општини кои ќе обезбедат чист воздух и заштита на животната средина.

Со цел што подобро да се артикулира опозицискиот глас, како и да се претстават најдобро интересите на сите граѓани на локално ниво, тројцата претседатели, истакнувајќи ги овие начела, се одлучија за взаемна соработка и поддршка на кандидати за градоначалници. Соработката подразбира дека споменатите партии нема да кандидираат градоначалници во одредени општини и ќе се поддржуваат меѓусебно, а во други општини ќе се натпреваруваат со сите други партии.

За начинот и деталите на соработката ќе се договараат општинските организации на трите партии.