Мицкоски седнат до Макрон на самитот во Будимпешта
Иако самитот е на друга теми, во Будимпешта е и бугарскиот претседател Румен Радев но до денес не е потврдено дека е можна средба меѓу него и Моцкоски
Премиерот Христијан Мицкоски на самитот на Европската политичка заедница што се одржува во Будимпешта седи до францускиот претседател Емануел Макрон, чиј советник на претходен сличен настан се понуди да го олесни дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, откако новата влада кај нас побара уставните измени да имаат одложено дејство, односно „француски предлог плус“.
Иако самитот е на друга теми, во Будимпешта е и бугарскиот претседател Румен Радев но до денес не е потврдено дека е можна некаква средба, уште повеќе што Мицкоски навива во Софија да се формира нова влада предводена од ГЕРБ, а Бојко Борисов чекаше кој ќе стане претседател на САД пред да почне разговори за можна коалиција.
На самитот во Будимпешта се поканети лидерите на земјите членки на ЕИ и на кандидатите за членство межу кои и украинскиот претседател Володомир Зеленски кој порача дека концептот „мир преку сила“ се докажал и е потребен сега.
„Покажувањето слабост или распродажбата на позициите на Европа нема да купи праведен мир. Мирот е награда само за силните“, им порачал зеленски на лидерите од Европа, кои се собраа мешудругото и да договорат стратегија за доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа и можната промена на политиката на САД кон Украина.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој ја држи руската страна во војната со Украина, повторно уверуваше дека мора да се најдат начини за враќање на мирот во Европа. Тој пред самитот истакна дека на самитот ќе се разговара за безбедносните предизвици со кои се соочува Европа и дека некои од прашањата ќе вклучуваат како Европа може да преземе поголема одговорност за својата безбедност и мир во иднина, како континентот да биде поуспешен во остварувањето на сопствените интереси и да стане одлучувачки играч во дискусиите и случувањата кои ќе одлучуваат за неговата иднина.
„Овие прашања станаа особено актуелни по претседателските избори во САД кои штотуку се одржаа. Иднината на нашите трансатлантски односи е незаменлива компонента на европската безбедносна архитектура. Одговорите дадени сега би можеле да ја одлучат иднината на Европа со децении. Ние верувајте дека заедно можеме да бидеме посилни отколку сами“, рече Орбан.
Орбан додаде дека европската политичка заедница мора да разговара за геополитичките прашања, како и дека лидерите ги обединува заедничкиот интерес и заедничката одговорност за Европа.
„Знаеме дека имаме заеднички одговорности и ви посакувам плодна дискусија“, рече Орбан на отворањето на средбата.
Мицкоски ќе има обраќање на самитот.