Мицкоски се сретна со Марта Кос во Брисел


Премиерот Христијан Мицкоски, кој денес престојува во Брисел на покана на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, претходно имаше редба со новата еврокомесарка за проширување Марта Кос од Словенија. 

„Разговаравме за стратешките интереси на Македонија во однос на проширувањето на ЕУ и подготвеноста на државата да успее на патот кон ЕУ.Ние сме подготвени да разговараме за се што ќе биде принципиелно и во полза на нашата држава и во интерес на сите граѓани“, напиша Мицкоски на Фејсбук. 
 
Минатата недела, по гласањето на новата Европска комисија, еврокомесарката Кос порача дека уставните измени мора да се усвојат со додавка  – ништо повеќе и ништо помалку. Тоа наиде на негативни реакции кај владеечката гарнитура, така што Мицкоски денес има шанса да го смени ставот на еврокомесарката, нешто што не му успева во Брисел со месеци.   

Премиерот  вечерва во Брисел ќе присуствува на неформална работна вечера што за лидерите од земјите од регионот на Западниот Балкан ја организира Коста.Покрај Мицкоски, како што соопшти Советот на ЕУ, на вечерата се поканети и косовската претседателка Вјоса Османи, претседателите на Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседавачката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цијановиќ и премиерите на Албанија и на Косово, Еди Рама и Албин Курти.

Пред вечерата најавени се билатерални средби на Кошта со Мицкоски, Рама, Цијановиќ, Вучиќ и Курти, додека за утре претпладне е предвидено претседателот на Советот на ЕУ да се сретне со Османи и Милатовиќ.