Мицкоски се повлече од понудата за предвремени избори

Премиерот вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена уште утре да оди на избори, но смета дека смета оти треба да се посвети на исполнување на владината програма


Премиерот Христијан Мицкоски (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Христијан Мицкоски се повлече од изјавата дадена минатата недела на седницата во Собранието за пратенички прашања, кога повика на предвремени парламентарни избори идната година заедно со локалните.

По оваа изјава цела недела партиите се препукуваа дали да се оди на предвремени избори или не, по што СДСМ и ДУИ прифатија. Но, сега по една недела Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена уште утре да оди на избори, но смета дека тоа не е добро и дека треба да се посвети на исполнување на владината програма.

„Сега дали треба да потрошиме уште 10 милиони евра пари на граѓаните, ваши пари, да застане системот, да не испорачуваме реформи за да уште еднаш СДСМ се соочи со уште еден голем пораз или да избереме опција да работиме 4 години и да ги засукаме ракавите за доброто на граѓаните, јас би ја одбрал втората опција. Дали сме подготвени утре да одиме, подготвени сме, нема тоа никаков проблем, но ние носиме одлуки кои што се во интерес на граѓаните, не во интерес на љубители на естрада“, вели Мицкоски.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети по изјавата на Мицкоски за предвремени избори постојано повикуваше тие да се одржат. Тој и јавно го повика Мицкоски, како што рече да си стои на зборот околу одржувањето предвремени парламентарни избори.

„Видовме понуда на Христијан Мицкоски за предвремени избори, веднаш одговоривме. Не се многу умни но изгледа направија умен чекор. Единствено решение се предвремените избори, за да се подобрат и тие, бидејќи јас ги разбирам, седум години и пол, осум години водеа пропаганда против ДУИ“, вели Али Ахмети.

Лидерите од коалицијата ВРЕДИ ја отфрлија можноста за предвремени избори, сметаат дека Владата е стабилна и дека нема потреба од тоа.