Мицкоски се пофали дека разменил пораки со најблиските соработници на Трамп


Тројцата луѓе од кругот на Трамп со премиерот Мицкоски: (од лево на десно) Девин Нунес, Крис Павловски и Хауард Лутник

 

Премиерот Христијан Мицкоски утрово освен што ја честитал победата на новиот американски претседател Доналд Трамп, разменил и пораки со неговите најблиски соработници, меѓу кои и со Хауард Лутник, шефот на транзицискиот тим кој беше на бината за време на обраќањето на Трамп.

„Им честитам на граѓаните на САД за демократскиот изборен процес. Избраа напредок, избраа нешто кое што тие одлучија дека ќе им биде приоритет, го избраа господинот Трамп да биде повторно нивен претседател. Јас тоа го честитав, и не само на него туку и на луѓето кои што се дел од неговиот тим. Разменивме по неколку пораки утрово“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на прашање на новинарите по неговата посета на МАСИТ.

Тој потсети дека летово остварил средба со дел од најблиските луѓе од опкружувањето на Трамп.

„Знаете на почетокот на август или на крајот на јули во Македонија беа Хауард Лутник, кого што можевте да го видите како стои веднаш до семејството на господинот Трамп денеска на прес-конференцијата. Господинот Лутник е претседател, практично на транзицискиот тим во кој што се пет члена, меѓу кои е и Дон Џуниор, односно синот на претседателот Трамп. Tаму е и сега потпретседателот Џеј Ди Венс, таму е самиот нов претседател на САД, таму е госпоѓата Мекмахон и претседател на тој тим е Хауард Лутник, Тој беше тука, разговараме за многу проекти, остана подолго време, комунициравме денеска, разменивме и по некоја порака“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека разменил пораки и со други луѓе блсики до Трамп.

„Исто така, господинот Рик (Ричард, заб.) Гренел кој што очекувам исто така да биде дел од тимот на претседателот Трамп. Таму беше Девин Нуњез, поранешен конгресмен, кој исто така беше дел од таа делегација која што беше присутна тука, а моментално ги води компаниите на Трамп. Ќе го видите денес на бината и него. Исто така, тука беше човекот од македонско потекло, господинот Крис Павловски, сопственик на ‘Рамбл’, со кого исто така искомунициравме од позадината на самиот настан и во текот на денот од Мар-а-Лаго, каде што ги следеа и тие резултатите. Така што, имав комуникација и во текот на утринските часови и ја честитав победата. Очекувам уште поголемо зајакнување на и онака исклучително добрите односи меѓу македонските граѓани и граѓаните на САД“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека владата има „одредени економски приоритети“ и дека очекува тие економски приоритети да бидат уште повеќе зацврстени.

„Ние како влада ја изразуваме големата поддршка на граѓаните на САД што во еден демократски амбиент донесоа правилна одлука и го избраа новиот претседател на САД, господинот Доналд Трамп“, рече Мицкоски.