Мицкоски се брза да ја укине техничката влада заради предвремени избори?


Премиерот Христијан Мицкоски најави дека денес ќе ги покани политичките партии на лидерска средба, која би се одржала во наредните седум до десет дена, пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос. Теми на средбата би биле консензус за реформските закони и укинување на техничката влада. Во божикно интервју за ТВ Алфа премиерот Мицкоски рече дека очекува сите лидери на парламентарните коалиции да ја прифатат поканата за лидерска средба. Дневниот ред, како што вели, може да биде проширен и дополнет од страна на другите.За клучните прашања за државата, Мицкоски очекува консензус од лидерствата на сите парламентарни коалиции, но клучна е предизборната техничка Влада.

Премиерот вели дека пред минатите избори и самите СДСМ кажале дека таа  повеќе не е потребна. Според него, за разлика од претходно оваа Влада покажува широчина што е потребна особено во период кога се говори за суштински реформи, реформи на политички систем, но и оние кои се дел од реформската агенда за пристапување кон ЕУ. Потенцира дека за дел од нив потребен е консензус.

-Пред овие избори раководството на СДСМ велеше дека тие се за бришење на техничката Влада, да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно, затоа што мислам дека таков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката Влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката Влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени, порача Мицкоски.

Опозиционите партии, велат дека својот став ќе го кажат на лидерската средба доколку ја има, но оценуваат дека ова е чистење на теренот за предвремени парламентари избори . Техничката влада беше договорена со посредство на ЕУ токму поради можните или дефинираните слабости во спроведувањето на демократски и фер избори и злоупотребите кои ги практикува власта. Конкретно тоа се однесуваше на симнувањето ов власт на владата на ВМРО ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски. Аналиитчарите сметаат дека таа е нефункционална таква како што е со ограничени ингеренции и низа недодефинирани работи.

„Наместо на граѓаните, оваа техничка влада им служи на партиите и на нивните изборни стратегии.Кога техничка влада ви значело влада од непартиски кадри кои би преземале ресори за непристрасно водење на институциите, тоа и може да има смисол. Технократијата тоа подразбира – влада составена од експерти на дадените области, на најдобри познавачи на таа област, кои може да бидат предложени од политички партии, но да не ги застапуваат исклучиво нивните интереси“, велат аналитичарите

Според Законот за Влада, сто дена пред избори се формира нова техничка или преодна влада. Во неа, премиерот доаѓа по предлог на актуелната власт, а во пет министерства, кои беа определени како клучни, раководат кадри и од опозицијата и од власта. Таму каде министерот е од едната, дополнителниот заменик министер е од другата партија, и обратно. Станува збор за министерствата за: внатрешни работи, за труд и социјална политика, за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.