Мицкоски сака и Балканот да бил повторно горд
Премиерот им порача на граѓаните да бидат горди што токму тој и министрите од неговата влада ја претставуваат Македонија на Самитот на НАТО
По завршувањето на вчерашниот ден на самитот на НАТО во Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски даде изјава во која зборуваше за неговите средби, но и желбата покрај тоа што Македонија станува повторно горда, сака и Балканот да биде повторно горд.
„Денеска разговаравме со црногорскиот премиер, зборувавме со хрватскиот претседател, унгарскиот премиер, би ги издвои и состаноците и средбите со италијанската премиерка Мелони, со шпанскиот премиер Санчез ко што беше до мене на вечерата која што ја организираше претседателот на САД Бајден, неговата сопруга Џил Бајден. Исто така може да ги издвојам и средбите со бугарскиот и албанскиот премиер.
Испратив неколку пораки, од коишто најважната е дека долго време регионот и Македонија како држава беа заложници на минатото. Потребно е да се фокусираме на иднината и она коешто следи со иднината. Да ја направиме Македонија повторно горда, но и да го направиме Балканот повторно горд. Да бидеме добри соседи, да се разбираме и да соработуваме. Тоа е она кое што го очекуваат граѓаните од нас, и тоа е она на што јас како претседател на Владата ќе бидам фокусиран во годините кои што следат.
Понатаму, би сакал да кажам дека втората порака која што ја испратив е дека помина времето на свиткани ‘кичми’, помина времето на корумпирани политичари кои што доаѓаат од Македонија. Да потпишат сѐ, да го прифатат секое понижување кое ќе им биде понудено на маса само да го заштитат својот криминал. Тоа време е веќе историја и минато. Мораме да зборуваме како вистински партнери, да зборуваме како соседи, бидејќи партнерството и добрососедството е двонасочна улица и ние сакаме тоа да го негуваме и само така да го гледаме“, рече Мицкоски.
Тој им порача на граѓаните да бидат горди што токму тој и министрите од неговата влада ја претставуваат Македонија на Самитот на НАТО, „бидејќи даваме сѐ од себе да го повратиме изгубеното достоинство коешто изминатите седум години, за жал го немавме, не се само овде во Вашингтон, туку насекаде во светот“.
Од Владата излегоа со официјално соопштение по повод средбата на Мицкоски со неговиот бугарски колега, Димитар Главчев, во рамките на Самитот на НАТО во Вашингтон. Како што стои во кусото соопштение, Мицкоски остварил кус разговор со Главчев.
„На средбата беше констатирано дека треба да се релаксираат односите, при што Мицкоски посочи дека треба да се гледа на иднината и да се користат можностите за соработка. Темите од минатото и отворањето на нови пречки нема да ги зближат двата народи и треба да се направат напори и чекори кои ќе влеат доверба меѓу државите како во периодот пред ветото и отпочнувањето на политиката на опструкции“, велат од Владата.
Претходно од СДСМ обвинија дека Мицкоски ја крие средбата со бугарскиот колега. Од опозициската партија поставија неколку прашања, како на пример:
„Дали Мицкоски го крие разговорот и се срами да соопшти како поминале неговите барања? Дали воопшто ги поставил барањата за промена на преговарачката рамка? Дали било што од ветувањата кои ги даде пред граѓаните во кампањата го покренал како прашање? Или повторно, по веќе не знаеме кој пат од преземањето на власта, си ја подвиткал опашката?, стои меѓу другото во партиското соопштение на СДСМ.
Бугарските медиуми објавија дека тамошниот технички премиер во Вашингтон најмногу разговарал со македонскиот колега Мицкоски.
– Според бугарскиот премиер, односите меѓу двете земји треба да се нормализираат и да се вратат во текот на 2017 година кога беше потпишан Договорот за добрососедство и пријателство, пренесуваат бугарските медиуми. (Н.В.)