Мицкоски рече дека сакале да го поткупат за пругата кон Бугарија, но не кажа од кого

Премиерот изјави дека бил доволно искусен за да ги сфати намерите на соговорникот за секцијата 3 на пругата кон Бугарија


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека бил „жртва на обид за поткуп“ за проектот за изградба на пругата кон Бугарија. На прес-конференција во Владата посветена на Нацрт реформската агенда за периодот 2024 – 2027, тој рече дека за ова биле известени и европските партнери во проектот кои, како што рече, наишле на разбирање за аргументите на Владата.

„Бидејќи бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект, јас кажав дека ваков каков што е никогаш нема да го поддржам, бидејќи тука не станува збор за пари на македонските даночни обврзници, туку и на европските. Мора да признам дека од страна на нашите соговорници од Брисел тоа беше со голема загриженост прифатено и добивме уверување дека истото ќе биде проследено“, рече премиерот Мицкоски.  

Одговарајќи на новинарски прашања да даде повеќе информации за обидот за поткуп, Мицкоски посочи дека „тоа нормално не оди јавно на емисија или пак документ на кој што треба да се потпишеме заедно, дека јас ти нудам поткуп, а ти го прифаќаш“.

„Се знае како оди тоа, преку канали за комуникација. Јас еве лично кажувам, и на нив им го кажав, и на цела македонска јавност дека за Коридорот 8, секцијата три од пругата имаше обид да ми биде понуден поткуп со кој што јас како претседател на Владата би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација којашто истекува на 17 септември. И затоа кажав дека сѐ додека сум јас премиер на Владата овој тековен тендер кој што завршува на 17 септември нема да го прифатам. Ви кажав која е причината, техничка, но и морална“, рече Мицкоски, додавајќи дека завршиле времињата на таков тип комуникација со претседател на владата.

На прашањето дали наишол на разбирање од европските партнери, тој рече „апсолутно да, тоа не се пари само на македонските даночни обврзници, туку и на нивните“.

Премиерот посочи дека понатаму дијалогот во врска со овој проект со бугарската страна ќе се води во Брисел на високо ниво, процес кој што ќе го олеснува Европската комисија.

На дополнителното прашање дали има поднесено пријава во Обвинителството и во МВР, премиерот Мицкоски рече дека се информирани сите институции кои што треба да се информирани.

„Нормално, тоа не оди транспарентно, не оди со докази, или преку документ на кој што ние ќе се потпишеме. Се знае дека е тоа канал за комуникација, но доволно сум искусен за да наслутам дека целта на соговорникот е таа за која што говорев“, рече премиерот Мицкоски. 

Инаку, во врска со изградбата на пругата кон Бугарија која е дел од Коридорот 8, Мицкоски рече дека за Владата приоритет се сите коридори што минуваат низ земјава, како и дека на Коридорот 8 и Коридорот 10 ќе се работи со истата посветеност зашто двата се за државата многу важни.

„Што се однесува до Коридорот 8 имавме пред почетокот на седницата на Влада комуникција со официјални лица од Брисел, од ЕК, но и од банките што даваат грант или заем за овој проект. Тоа се ЕБОР и ЕИБ и мислам дека по денешниот состанок дури и на нив им е прилично јасно дека вака како што е конципиран проектот претставува сериозен проблем. Не можам никогаш како претседател на Владата да ставам потпис на проект, да потрошам половина милијарда пари на моите граѓани за проект што завршува на половина тунел во слепа улица. Додека сум јас премиер, тоа нема да се случи“, рече Мицкоски. 

За него втората голема грижа е што проектот за пругата кон Бугарија не е целосен.

„Очекуваме иста таква посветеност и загриженост како што ние ја манифестираме и од бугарска страна, односно другата половина од тунелот да биде завршена, но и оние 5-6 километри со кои ќе треба да се поврзе со веќе постоечката пруга од бугарска страна зашто нам ни треба целиот Коридор, а не да потрошиме половина милијарда евра овде, а тие да не направат ништо“, рече премиерот Мицкоски.

Тој потсети на граничниот премин Клепало, кој од македонска страна е завршен, како патот така и граничниот премин, а од бугарска страна не е ништо завршено. Тој додаде дека до крајот на годината треба да биде завршен и експресниот пат кој ќе ја поврзе земјава со источниот сосед што ќе заврши некаде после Крива Паланка.

„Така што, ние посветено работиме на Коридорот 8 и ќе продолжиме, но очекуваме иста таква посветеност и ист таков жар од страна на нашиот источен сосед бидејќи овој Коридор е потребен цел како стратешки коридор“, рече премиерот Мицкоски.