Мицкоски рече дека некои медиуми биле „талог на општеството“

Премиерот пак апелираше до медиумите да „зборуваме за убави работи“ и ги осуди оние што ќе се обиделе „да го исмеваат“


 

Премиерот Христијан Мицкоски не сака да биде уредник на медиумите, но денеска оцени дека дел од нив биле „талог на општеството“ и повторно побара да пишуваат за „убави работи“.

На Форумот на повратници во државата што се одржа во Владата говореше заедно со повеќе поранешни иселеници кои се вратиле во државата изминативе години и иако не сака да биде уредник, апелираше до медиумите тие луѓе денеска да бидат главна вест. Затоа што, вели Мицкоски – „треба да зборуваме за убави работи“.

Во исто време, оценувајќи дека некои медиуми биле „талог на ова општество“ ќе се обиделе да го исмеваат и да „прават рилсови“.

„Но, јас ќе останам на својот принцип и покрај притисоците од тој талог на општеството, а тоа е дека треба да зборуваме за убави работи. Ова се убави работи, ова се убави приказни, ова се луѓето кои што треба денеска да бидат, не пледирам да бидам режисер и уредник, но ова се луѓето кои што треба да бидат прва вест денеска“, рече Мицкоски.

Според него, тоа се луѓето кои што се вратиле и коишто тука формирале свој бизнис. Мицкоски додаде дека тој медиумски „талог“гради кариери во новинарството врз база на „некои недоследности“ кои се случуваат насекаде.

„Јас разбирам дека притисокот кој што го прави тој талог на општеството и се обидува да гради новинарски кариери на основа на некои недоследности кои што се случуваат, и природно е да се случуваат, такви има и во Стокхолм, такви има и во Њујорк и во Вашингтон и во Хаг и во Утрехт и во Амстердам и во Милано и секаде. Такви има и во Скопје и во Блатец во Виница и во Градец во виничко и во Битола и насекаде буквално ќе го има“, рече Мицкоски.

Потоа најави дека владата ќе работи и ќе ги поправи тие недоследности, но како што посочи, „трајно загубени луѓе не можеме да ги вратиме“.

„Тоа што може човек да расипе, човек и ќе поправи, но ако трајно заминат луѓето а ние допринесеме за тоа, тоа не можеме да го вратиме. Затоа борбата е за секој еден човек и како влада .. и покрај, ќе повторам, да не бидам здодевен, свесен дека овој талог на општеството после ова што сега го зборувам, ќе прави рилсови и ќе ги објавува на ‘Ајде да се веселиме’, но јас ќе продолжам да апелирам ајде да се веселиме и да објавуваме позитивни вести и да зборуваме за ова прекрасно парче земја во Европа дека може да живее поинаку и дека може да успее, а вие сте тие примери кои што покажувате со дело дека можело да биде поинаку и дека и овде е убаво и многу поубаво отколку таму каде што сте биле“, рече Мицкоски.

Тој им се заблагодари на сите што ѝ дале повторно шанса на нивната татковина Македонија, и додаде дека Владата ќе стори сè „за ова да биде и вашата последна шанса, односно да биде Македонија нашата заедничка последна шанса, тука да си остариме и тука да ги поминеме оние години кои што ни преостануваат до крајот на нашиот живот, каменот тежи дома а каде и да одите надвор сте дојденци“.