Мицкоски прв му ја честиташе победата на Трамп


Фото: Б. Грданоски

 

Иако републиканскиот кандидат Доналд Трамп сѐ уште нема освоено доволно електорски гласови за да прогласи победа, односно му фалат три, тоа не беше пречка македонскиот премиер Христијан Мицкоски да истрча прв и да му честита победа на изборите, при што можно е побрзи да бил само Виктор Орбан и Владимир Путин. Набргу по него честитка испрати и Еди Рама со импровизирана фотографија.

„Во мое име и во име на граѓаните, упатувам срдечни честитки до претседателот Доналд Трамп за неговата победа на изборите за претседател на Соединетите Американски Држави.

Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата.

Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи. Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион.

Честитки и најдобри желби до претседателот Трамп и до целиот американски народ“, стои во честитката на Мицкоски. 

И шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски му честиташе победа на Трамп објавувајќи фотографија на која тој и Мицкоски седат со можниот иден државен секретар и близок соработник на републиканскиот кандидат, Ричард Гренел. 

„Со нетрпение очекувам да работам со мојот добар пријател Ричард Гренел и новата администрација на Трамп да ја унапреди нашата заедничка визија за глобален мир и просперитет. Заедно, можеме да изградиме силни партнерства и да поттикнеме позитивни промени на меѓународната сцена“, напиша Муцунски. 

Многу балкански политичари ја чекаа нестрпливо победата на Трамп поради неговата толеранција кон автократски тенденции, игнорирањето на ЕУ и изолационистичката политика која им гарантира дека нема да има веќе црни листи од САД.