Мицкоски повторно го нападна Пендаровски


На митингот во Валандово беше и поранешниот претседател Ѓорге Иванов

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска на митингот во Валандово ги повтори старите обвинувања за Стево Пендаровски дека во изминативе пет години како претседател не се среќавал ниту со земјоделци, ниту со пензионери, ниту со млади луѓе. А во исто време на собирите ја напаѓал кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател Гордана Силјановска-Давкова.

„Тоа е Стево Пендаровски, човекот кој пет години не даде став, пет години анализираше и ќе го слушнете на митинзи како вели не правел криминал и го осудувал криминалот. Дали сте го слушнале Пендаровски изминативе пет години да ги спомене Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Талат Џафери и дали за него се чесни политичари? Бидејќи нема никаков глас да ја каже нешто за нив кои ја практикуваат политиката по принципот ‘како до сега’“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека од другата страна е Гордана Силјановска Давкова, „жена борец, сопруга, мајка која во парламентот покажа како треба да се брани македонскиот идентитет. Секогаш е во врвот во првите тројца дискутанти во Собранието цели 4 години и не само во парламентот, туку и како професор и експерт таа беше дел од Совет на Европа и Венецијанска комисија и реномирани институции каде и ден денес ја цитираат колеги во нивните научни трудови“. Мицкоски посочи дека од една страна е Стево Пендаровски кој на граѓаните им вика дека не сака очи да им види ако не го гласаат, а од друга страна е Гордана Силјановска Давкова, жена борец, сопруга, мајка која во парламентот покажа како треба да се брани македонскиот идентитет.