Мицкоски побара да се гони Филипче и другите од СДСМ околу мигрантите – ширеле паника и страв

Премиерот вели дека опозициската партија го поминала рубиконот во пренесувањето на извештаите на британските весници за мигрантите, иако Владата демантирала


Премиерот Христијан Мицкоски во Собранието на 27 ноември (Фото: Б. Грданоски)

 

Не испраќаат деманти до лондонски „Тајмс“ и другите британски весници, но треба да се гонат претставниците на опозицијата кои ги пренесуваат нивните пишувања дека е можно во Македонија да дојдат мигранти како дел од договорот со владата во Лондон.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја заостри реториката кон опозицискат СДСМ, велејќи дека и покрај демантите од Владата и функционери на ВМРО-ДПМНЕ за можното доаѓање на мигрантите, од опозициската партија ширеле страв и паника и за тоа треба, а за тоа се предвидени кривични санкции.

„Разбирам таа тема да ја покренете еднаш, два пати, но кога веќе официјално стигнува демант од претседателот на Владата, од соодветните министерства внатрешни и надворешни, мислам дека од тој момент па натаму вие го поминувате рубиконот и вие свесно и покрај демантите ширите паника и страв и за тоа во Кривичниот закон се предвидени одредени санкции“, рече денеска Мицкоски од струмичко Колешино.

Премиерот ги повика соодветните органи да поведат процеси против тие што ги пренесуваат овие текстови од британските весници.

„Јас ги повикувам соодветните органи да излезат од тие октруирани стеги на претходната влада на СДСМ и ДУИ и против овие лица да покренат, би рекол, процес. Затоа што, многумина од граѓаните се загрижени со право, ми се јавуваат и ме прашуваат и покрај тоа што веќе една недела зборуваме со деманти и кажуваме дека такво нешто неа да се случи. Еве ќе поминат месец, два, три, ќе дојде пролет“, рече Мицкоски.

Тој ја повтори изјавата од пред некој ден дека трајно ќе ја напушти политиката доколку некој од СДСМ пронајде барем еден мигрант. „Мигранти нема никој да види. Јас реков дека трајно ја напуштам политиката, ако раководството на СДСМ, барем тоа што остана таму, пронајде и еден мигрант, којшто е дел од договорот со Обединетото Кралство или било кој друг договор. Бидејќи се уплашени континуирано од мене, сега мене ми ги бројат овие последни четири години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тие од СДСМ во овој случај имаат начин еве како да се спасат од мене и порано“.

Дека прашањето што се отвори во Британија кои ќе бидат одбиени за азил таму, може да дојдат во Македонија е сериозен политички проблем за ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски предложи партиски одговор на резолуцијата на СДСМ. Тој како лидер на партијата рече дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ во текот на следната недела ќе достават до советите на општините да се гласа документ дека нема да има мигрантски кампови на нивните територии.

„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во текот на следната недела ќе достават до советите да се гласа документ, со којшто ќе се јасно стави до знаење дека таа е политиката, односно антиемигрантската политика, политика која што се бори против нелегалната миграција и генерално таков тип на процеси. Нема на територијата на тие општини да се создадат такви мигрантски кампови и ќе побара од надлежните институции согласно Кривичиниот законик, да поведат процеси против сите оние кои што сеат страв паника“.

Тој уште додаде дека некој ги „насанкал“ во СДСМ околу темата за миграните.