Мицкоски осамен во НАТО


 

Пасивноста и сервилноста на Зоран Заев заменети со енергичност и резултати. Со ваков наслов се активираше пропагандата на актуелната влада за да се убеди јавноста дека на самитот на НАТО премиерот Христiјан Мицкоски „блеска“, дека не е изолиран и турбо (односно што би рекол тој, фуриозно) работи за интересите на државата.

Факт е дека за разлика од Заев, кој мавташе со папката во која стоеше потписот за членство во НАТО и кој го бакнуваше пенкалото со кое го официјализираа тоа со Јенс Столтенберг, Мицкоски немаше ниту една вест да прати во Македонија од неколкудневното седење во Вашингтон. Со уважување на фактот дека е нов, дека многу добар дел од лидерите на самитот исто така беа нови на политичката сцена, дека му е прв самит и дека атмосферата може лесно да ги егзалтира тие што не биле на ваков настан досега, обидите да се прикаже дека во Вашингтон Мицкоски пишува историја не се сериозни, ниту пак има потреба да бидат.

Всушност, од единствената изјава што ја даде пред новинарите Мицкоски  прати неколку добри пораки од Вашингтон, но неговата пропаганда немаше интерес да ги експлоатира во Македонија, или немаше осет за нив. Тој порача дека и новата влада останува посветена на НАТО и на мирот во Европа, дека ќе бидеме и натаму доверлива земја членка, дека остануваме на поддршката на Украина и ќе ја воооружуваме нашата армија, како што се побара на самитот.

Досега ВМРО-ДПМНЕ најавуваше дека парите за оружје ќе ги трошат на општините, а праќаа измешани сигнали за тоа дали се за Украина или Русија. Место тоа престојот на Мицкоски се преставуваше како кич парада, дотаму што и влегувањето на самитот и поздравувањето со претседателот Џо Бајден беше пропратено од аплаузи на партиските ботови, како да имаше лидер што не го поздравија на врата и како тоа да е политичко достигнување.

Она што е посимптоматично е што од соопштенијата од самитот никаде не може да се види силната активност и ангажман на Мицкоски, а за резултатите и да не се коментира, бидејќи грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во широк круг го избегнуваше во салата. Како штотуку избран премиер, според она што се гледа од  видеата и од фотографиите, испадна дека немало воопшто интерес кај лидерите да го запознаат, не пак да го сретнат и на многу сцени се гледа како стои сам или со придружбата од Македонија. Да не беше средбата со италијанската премиерка Џорџа Мелони, со бугарскиот технички премиер Главчев и со албанскиот лидер Еди Рама, речиси нема информација за билатерална средба на самитот, што повторно не би била вест да не е ова китење со фалш перја.

Уште повеќе останува впечатокот дека Мицкоски беше игнориран на накој начин на самитот, најверојатно поради фактот дека зад приемот на Македонија во НАТО стојат потписите на сите земји членки, а не само на Грција, па сите се чувствуваат малку насамарени во моментов, кога тој демонстрира патриотизам и го употребува неуставното име на државата. 

Мицкоски очигледно не се обрати и на самитот бидејќи немаше информација дека кажал нешто пред лидерите на НАТО, а во видео пораките на социјалните мрежи ги повторуваше фразите од кампањата – дека нема веќе виткање кичма и слично, со признание на неговите партиски функционери дека не ни побарал средба со грчкиот премиер Мицотакис за да му каже дека и тој не го применува Преспанскиот договор. (Н.В.)