Мицкоски од Гостивар рече дека ДУИ ги злоупотребува Албанците


 

Македонија е одземена од народот, а контролата во рацете на стотина души кои управувале со земјата со криминал и корупција, рече вечерва на митингот во Гостивар претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој рече дека „нема поголем тендер од кој артановци, бујаровци и зечевци не собираат процент“.

Според него, „Артан, Бујар и Талат си се послужуваат со Македонија, затоа што имаме слаб СДСМ кој дозволувајќи го тоа скапо си ја купува власта, и деновите поминати во фотелја.

Тие се фатени како ја ограбуваат Македонија. И не ги ограбуваат само Македонците. Ги ограбуваат сите, и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Бошњаците, ја ограбуваат Македонија. Фатени во грабеж, обвинуваат дека сме биле против Албанците и затоа сме ги напаѓале“.

Мицкоски нагласи дека „ДУИ врз митот права за Албанците, и Артан, и Али направија милиони евра за себе, имаат имот како шеици од Саудиска Арабија, додека албанскиот народ гладува и се сели од Македонија. Најголемата злоупотреба овие дваесет години е состојбата со правата на Албанците кои овие криминалци од ДУИ се обидуваат да ја наметнат како тема кога се фатени во криминал. Секогаш кога тие зборуваат за ова, на своето конто си редат по уште еден милион народни пари“.

Носителката на изборната листа во „Шестката“, Дафина Стојаноска, повика мултиетнички Гостивар да се обедини околу ВМРО-ДПМНЕ и така сплотени да го зададеле последниот удар на оваа власт.

„Да го казниме Али! Да го казниме Артан Груби! Таче  од поодамна е веќе небитен. Мултиетнички Гостивар да се обедини околу ВМРО-ДПМНЕ и така сплотени да ѝ го зададеме последниот удар на оваа криминална власт. Прво, ајде сите заедно да гласаме за професорката Гордана Силјановска-Давкова, најумната и најдостојната Македонка во моментов, и да бидеме горди со нејзините и нашите успеси“, рече Стојаноска.