Мицкоски очекува нови апсења за знамето, тоа бил чин на агресија
Премиерот Христијан Мицкоски силно ги осуди синоќешните случувања околу прославата на Денот на албанското знаме, кога беше сквернавено македонското знаме. Тој рече дека имале информации за она што се случуваше синоќа, дека веќе ги информирале меѓународните партнери, дека очекува нови апсења, дека тоа биол чин на агресија и дека предвиделе вакви можни настани.
„Најостро го осудувам тоа. Сепак, претставува чин на агресија, ние предупредувавме дека такво нешто ќе се случува, дека ќе има ваков тип на обиди за ескалација на случувањата и креирање на етнички тензии. Ќе има и во иднина, затоа што ова не е изолиран случај, бидејќи криминалците стануваат понервозни, понетрпеливи“.
Тој ја пофали реакцијата на полицијата, оценувајќи ја како „навремената, трезвена државничка реакција“, која не дозволила ескалирање, но истовремено привела лица. Во текот на денот се очекува да бидат изведени пред судија. „Од она коешто го имам како информација, тие ќе бидат обвинети според членот 319 од Кривичниот законик, каде што запретана затворска казна е од минимум една, максимум пет години, за предизвикување на расна и така натаму, национална нетрпеливост и загрозување на државните симболи и навреда на достоинството на граѓаните и државата“, рече тој.
Премиерот апелираше до македонските граѓани на трезвеност, бидејќи овие инциденти ги предизвикувала „мала изолирана манипулирана група од оние коишто ги штитат своите милиони. Секој оној којшто ќе го прекрши законот и Уставот ќе одговара. И ако мислат дека се недопирливи и ако мислат дека ова што го зборуваме не е вистина, мислам дека силно ќе се разочараат“.
Според премиерот, тие имале информации за тоа што ќе се случува. Властите уште утринава ги информирале нашите стратешки партнери во земјата, но и надвор, за тоа што се случуваше со какви информации располагаме и што е она коешто очекуваме да се случува во наредниот период.
Тој најави и нови апсења на учесници во инцидентот.
„Сите докази со коишто располагаме и располагавме се доставени до нашите партнери, но истовремено ќе бидат и докази во судските постапки и во периодот коишто следи. Мислам дека нема да остане само на овие осум приведените лица“.