Мицкоски оцени дека францускиот предлог бил потенцијално предавство, а не го видел
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара предлогот веднаш да биде објавен на веб-страницата на Владата
Потенцијално предавство, лексички измени, ништо ново – на тој начин лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го оцени конечниот француски предлог за кревање на ветото на Софија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Мицкоски, како и другите во Македонија не го видел предлогот во овие неколку часа откако тоа го објави претседателот Емануел Макрон, но тврдеше дека според некои нивни сознанија се работело за предлог во кој биле променети само два збора. Тој побара од Владата на својата веб-страница веднаш да го обајви овој предлог за да видела јавноста за што се работи.
За него е симптоматично што бугарскиот претседател и премиер го прифатиле овој предлог – иако ни Радев ни Петков немаат таква изјава, туку тоа се зборови на Макрон – што значи дека им удоволувал на интересите на Софија. Тој ја повтори квалификацијата од минатата недела, дека ова е нокаут за македонската дипломатија.
Тој исто така се чудеше од каде знаел албанскиот премиер Еди Рама дека овој предлог е прифатлив за македонскиот народ. „Се работи за предавство на Владата на СДСМ и ДУИ и затоа предлогот се крие“, рече Мицкоски и ги повтори оценките од него и други високи личности во партијата дека Бујар Османи како министер за надворешни работи преговарал за интересите на Македонците, македонскиот јазик, идентитет и историја. Тој додаде дека партијата нема да прифатела решение штетно за народот и за индината на македонскиот народ. Па, како и повеќе пати досега, ги повика граѓаните, а и новинарите на будност за она што можело да се случи.