Мицкоски не знае зошто неколку партии сакаат да ѝ се приклучат на опозицијата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го нарече коалицирањето на ДУИ со други политички партии „неуспешен политички маневар“


 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не знае кој е мотивот на повеќе партии кои до неодамна беа дел од власта сакаат да ѝ се приклучат на опозицијата. „Тоа прашање треба да им го поставите ним, не би можел во нивно име да дадам одговор“, рече Христијан Мицкоски денеска по состанокот во Стопанската комора одговарајќи на прашања на новинарите.

Достоинство, Обединети за Македонија, Демократски центар најавија дека ќе ѝ се приклучат на опозицијата по годините во власта. Некои тоа го образложуваат од идеолошки природи, други што не биле исполнети некои нивни барања. ВМРО-ДПМНЕ не е наклонет претставници од овие партии да се најдат на пратеничките листи затоа што на нив има место само за најверните партнери на партијата.

„Имаме принципиелен заеднички договор за настап на парламентарните избори и очекуваме понатаму, врз основа на тој договор, да функционираме како идна влада“, рече Мицкоски. Тој додаде дека би сакал причината за нивно приближување до опозицијата да биде изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа прашање треба да го поставите на тие, не би можел во нивно име да дадам одговор. Околу мотивот и причината, можеби тие ќе треба да ви дадат одговор. Јас би сакал тоа да е фактот што тие препознале во нашата програма добри работи и поради тоа одлучиле да ја прифатат. Имаше и такви кои преговараа со нас, не успеавме да постигнеме договор, или ќе настапат самостојно или ќе останат заедно со актуелните владејачки партии, дали се тоа СДСМ или ДУИ без разлика“, рече Мицкоски.

Тој го нарече коалицирањето на ДУИ со други политички партии „неуспешен политички маневар“.

„ДУИ треба да даде одговор зошто го прави тоа. Ако мене ме прашувате, ценам дека се обидуваат да направат маневар на политичкиот простор со што ќе го ублажат поразот на следните избори од страна на консолидираната, условно кажано, албанска опозиција. Не мислам дека овој потег ќе биде успешен, имајќи ги предвид лицата кои пристапуваат на таа коалиција, но времето и гласачите ќе покажат. Можеби моето толкување е погрешно“, рече тој.