Мицкоски не знае дали ќе се сретне со Мицотакис во Вашингтон


Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека доколку има средба со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис на претстојниот Самит на НАТО во Вашингтон, се надева дека ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи.

-Се надевам дека ќе го задржиме достоинството и дека ќе разговараме како партнери и како добри соседи, доколку дојде до таков разговор. Ако не дојде, се надевам дека набргу ќе дојде, истакна Мицкоски во врска со престојниот Самит на НАТО во Вашингот и со изјавата на Мицотакис дека очекува од новиот премиер да го користи уставното име на земјата и за внатрешна и за надворешна употреба и дека конкретното прашање ќе го покрене и на претстојниот Самит.

Мицкоски истакна дека ставот на Владата е градење добри односи со сите соседи, но оти дека односиte се двонасочна улица.

-Нашиот став како Влада е дека сакаме да имаме добри односи со соседите, дека сакаме да градиме мостови за соработка, дека тоа за нас е двонасочна улица. Досега претпоставувам биле навикнати на еднонасочна улица, но сега сме ние политичари и Влада која што сака да водиме добрососедска двонасочна улица и така ќе продолжиме да се однесуваме, изјави Мицкоски.

Во Вашингтон Мицкоски ќе биде придружуван од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и од министрите за одбрана и внатрешни работи, Владо Мисајловски и Панче Тошковски.