Мицкоски не верува во „приказната“ на Дранго за отепаната мечка, обвинителството уште истражува
Обвинителството во Битола уште собира факти за тоа како и кога била убиена мечката со која се сликаше Сашо Дранго
БИТОЛА – Премиерот Христијан Мицкоски не е убеден во „приказната“ на Сашо Дранго за отепаната мечката со која се фотографираше заменик-директорот на „Македонија пат“. Овој случај ја вознемири и разбранува македонската јавност околу Нова година. Битолското обвинителството денеска за „Независен“ вели дека утврдува дали има евентуално индивидуална кривична одговорност кај Дранго.
Во синоќешното интервју за „360 степени“ Мицкоски го употреби зборот „верзија“ за тврдењето на сопартиецот и ветеран на ВМРО-ДПМНЕ од Демир Хисар, што јасно навести дека има друго толкување или сознанија за истиот настан.
Премиерот досега не го разреши од функција Дранго и покрај силните критики од јавноста, но за разлика од првата негова изјава за овој случај кога кажа „ако се потврдат тврдењата ќе биде разрешен“, сега премиерот три пати во изјавата јасно кажа дека „не е убеден“ во верзијата на Дранго и ако истрагата тоа го потврди тогаш нема да го остави на заменичката функција во „Македонија пат“.
„Не сум убеден во точноста на неговата верзија дека случајно нашол отепана мечка на пат, но мораме да најдеме начин, односно ние мораме да ги запазиме процедурите за да дојдеме до решение, а рековме има истрага. Таа истрага ќе се заврши. Доколку, а не сум убеден, повторно ќе кажам, дека тоа што го кажува е така, дека мечката ја нашле на пат и дека сето тоа така се завршило, доколку истрагата констатира и го потврди ова во што не сум убеден, се разбира дека неговиот в.д. мандат нема да биде продолжен“, рече Мицкоски во синоќешното интервју за „360 степени“.
Уредникот Васко Попетревски во своето прашање за случајот нагласи и дека самото сликање со мртвата мечка е повреда на законите, па и да не ја убил Дранго (како што самиот тврди) тој треба да понесе одговорност.
Случајот со убиената мечка со која се фотографираше Дранго, облечен во ловечка облека и со пушка в рака го обелодени Здружението за заштита на животни „Анима мунди“, со претпоставка дека ја застрелал во декември, лани.
Истиот ден на 2 јануари, Основното јавно обвинителство од Битола експресно отвори предмет за случајот со застреланата мечка со цел да се утврди што точно се случило.
Денеска од Основното јавно обвинителство во Битола за „Независен“ потврдуваат дека случајот е во предистрага и дека се бараат докази дали Дранго го сторил кривичното дело.
„ОЈО Битола во рамките на оформената предистражна постапка презема дејствија за да се утврди кога и каде се случил настанот. Мечката е животно под трајна заштита од државата и нејзиното убивање е забрането. Во моментов се постапува за испитување на фактите и околностите кои упатуваат на евентуална индивидуална кривична одговорност за сторено кривично дело како основ за постапување на јавното обвинителство. Во рамките на предистрагата се прибираат докази и одговори на поднесени барања за документација“, велат од ОЈО Битола на прашање на „Независен“.
Дранго за дел од медиумите изјави дека тој не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа, па тој и вработени во „Македонија пат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа.
Меѓутоа во билтенот на СВР- Битола никаде немаше информација за сообраќајката со отепана мечка во декември. Според наша информација сообраќајка со мало мече во битолско имало лани на 4 ноември. Убиената мечка со која се сликаше Дранго е многу голема.
Веднаш потоа, СВР- Битола, по втор пат го демаскира Дранго и откри уште една информација дека уште пред 6 години, во 2018 година, останал без дозвола за оружје откако го прекршил законот. Така Дранго негирајќи дека ја убил мечката, го изумил фактот дека нема ниту дозвола за оружје.
Според „Анима Мунди“ отворањето на истрагата за овој случај „е добар чекор кон разрешница доколку сакаме да се наречеме правна држава.“
Во членот 11 од Законот за дивеч и ловството пишува дека мечката како дивеч е под заштита и секое нејзино ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането, додека во членот 14 е наведена трајната забрана за лов на мечки. За отстрел на мечка предвидена е и парична казна од 18.000 евра за мечка постара од две години, додека Кривичниот законик во членот 228 предвидува и затворска казна до три години за ловењето на дивеч под заштита.