Мицкоски побарал да запре исплатата на средствата од ИПАРД


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека самиот побарал да се запре исплатата на средствата од програмата ИПАРД 3 за да се истражат злоупотребите за корупција.

„Мораме да видиме до каде одат злоупотребите. Затоа што првичните информации говорат дека тоа не е од сега туку тоа е правено години наназад. Така што, сѐ ќе истражиме и секој кој што мисли дека така ќе помине се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен. Кој сака нека биде“, рече Мицкоски денеска во Охрид каде што беше во посета на фабриката „Костал“.

Тој негираше дека средствата од ИПАРД се блокирани по апсењата за корупција во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

„Не. Напротив. Поздравена е позитивната акција од страна на луѓето од Европската комисија“, изјави Мицкоски.

Министерството за финансии вчера соопшти дека преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската унија, Македонија донела одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата. Како што беше појаснето, ваквата Одлука следи по актуелните случувања со Платежната агенција.

„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, соопшти Министерството за финансии.

Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено од правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот.