Мицкоски не сака пругата кон Бугарија да биде второ Клепало, проблемот бил инженерски, не политички


Премиерот Христијан Мицкоски смета дека Бугарија за внатрешно – политички потреби ја политизира најавата на Владата за пренамената на средствата за изградбата на пругатата кон Бугарија, а која се темели, вели, на чисто инженерски проблем, бидејќи од бугарска страна не постои јасен проект.

Алудирајќи на граничниот премин Клепало, кој речиси три децении е изграден оа наша страна, но не и од бугарска, Мицкоски рече дека Владата сака да го направи Коридорот 8, ама и да се заврши да не се создава од сè авантура. Нагласи и дека државата треба да се поддржува со бугарскиот сосед и дека не треба од сè да се прават политички теми.  

„Тоа ќе подразбира минимум 500 милиони евра пари како кредит или од Буџетот, практично од граѓаните и 200 милиони евра пари на европските даночни обврзници, за 24 километра, 22 тунели коишто ќе завршат на пола тунел во слепа улица. Без да знаеме што ќе се случува од бугарска страна, бидејќи таму нема јасен проект. Дали тунелот ќе продолжи? Ние сега велиме дајте луѓе да го направиме ова како треба, да не потоа лечиме наместо да превенираме“, дециден е тој.
Тој, како што рече сака да го види проектот од бугарска страна.
„Нема таков. Дајте тој да го направиме. Зошто на пола тунел да завршуваме? Дајте да завршиме да биде навистина континуитет до Црното Море како што навистина предвидува стратешкиот Коридор и на НАТО Алијансата. Од Црното Море преку Бугарија, од кај нас, Албанија до Италија. Ајде да биде како што треба и мислам дека ќе наидеме на разбирање. Јас не правам политика од ова како што тоа го прават кај нашиот источен сосед. Жалам што за нивни внатрешно политички потреби тие прават политика од сето ова. Ова е инженерски проблем. Ова нема врска со политика“, рече Мицкоски, додавајќи дека е неодговорно да влеземе во авантура во којашто не се знае дали ќе има крај или кога ќе биде крајот.
 
„Тоа е исто како сега ние да кажеме граничниот премин во Берово е направен, поврзан е тој граничен премин со нов пат пропаѓа веќе години, години, затоа што од бугарска страна не се направени 20 километри и не е направен граничниот премин“, рече Мицкоски. 

 

Мицкоски рече дека зборува како треба работите да бидат поставени на правилна патека.

„Вака како што се поставени би било лудо да се сложиме како Влада на проект кој завршува на пола тунел во слепа улица и да потрошиме половина милјарда евра народни пари, затоа што вредноста на проект е 560 милиони евра од тие 360 се кредит, а 200 милиони се грант. Станува збор во прва фаза 360 милиони се пари на македонските даночни обврзници и 200 милиони на европските даночни обврзници. Во тендерската документација стои дека принципот на изработка на проектот е по жолт фидик, а тоа значи дека сумата, буџетот кој е определен е буџет за реализација на овој проект и дека не се предвидува дополнителни пенали или дополнителни работи. Но тоа не е така бидејќи двете страни потоа во тендерската документацијата стои дека изведувачот има право на пенали и на дополнителни работи. Што значи дека е практично црвен фидик, па многу лесно проектот може да дојде до 750, 800 милиони евра. Ова го кажувам како инженер не како премиер, тоа ќе подразбира минимум 500 милиони евра пари од буџетот, од граѓаните и 200 милиони евра пари на европските даночни обврзници за 24 километри, 22 тунели кои што ќе завршат на пола тунел во слепа улица без да знаеме што ќе се случува од бугарска страна, бидејќи таму нема јасен проект дали тунелот ќе продолжи, вели Мицкоски на новинарско прашање по презентацијата на новите шест лесни оклопни возила JLTV во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Во однос на намерата за пренамена на средствата од заемот од Европската банка за обнова и развој и од ЕИБ земен од претходната Влада, за изградба на пругата кон Бугарија, која завршува во тунел, тој очекува разбирање од кредиторите.

Мануел Сарацин, специјалниот германски пратеник за Западен Балкан минатата недела во изјава за бугарски медиум искоментира дека европскиот транспортен Коридор 8 е од стратешко значење за регионот, но оти според него, новата влада во Скопје неделава покажала оти изгубила интерес за негово спроведување и дека наместо овој коридор, во Скопје се дало приоритет на Коридорот 10.

-Лично верувам дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика. Ова е долг и комплициран процес со многу различни договори. За време на моите разговори во Софија, разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје. Изградбата на Коридорот 8 секако е од стратешко значење, вели Сарацин.