Мицкоски не сака да се помести ни милиметар од црвените линии за уставните измени


Фото: Б. Грданоски

 

„Ние нашите црвени линии ги дефиниравме. И од тоа ниту ние, ниту кој било ќе се помести, ниту милиметар. Не затоа што имаме какви било причини за да правиме напред или назад, туку едноставно доволно граѓаните на Македонија и македонскиот народ отстапија“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Оваа негова изјава дојде во денот кога беше избрана новата Европска комисија, а известувачот за Македонија во новиот Европски парламент, Австриецот Томас Вајц,  рече дека барањето за одложена примена на уставните промени не може да добие поддршка во Европската унија. Исто така, за време на сесијата на Европскиот парламент во Стразбур, новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, рече дека дека не може да ѝ даде гаранции на Македонија од типот на тие што ги бара македонската влада. „Очекувам Северна Македонија да го смени Уставот, ништо повеќе и ништо помалку. Очекувам дека е можно да се постигне тоа“, рече Кос.

„Нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ. Ние кажавме што можеме да направиме и тоа е максимумот што можеме да го направиме. И тоа им е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе коишто одлучуваат генерално или имаат некаква улога во светската политика“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на Александар Николовски дека за уставните измени треба да се убеди Франција.

Тој нагласи дека ние имаме комплетно усогласена меѓународна и одбранбена политика со ЕУ.

„Реформите ги водиме комплетно согласно барањата од ЕУ. Работиме се во согласност со ЕУ. Ако ЕУ сака да биде заложник на некои земји – членки во процесот на билатерализација, во ред, и тоа го разбираме. Нека нѐ остават да си ги завршиме домашните задачи, проблемите дома да си ги решиме. Не сме ние опасност никому“, рече премиерот.

„Ако оние мислат дека ние треба дополнително себе да се понижуваме, уништуваме идентитетски, и никогаш да не бидеме таму каде што треба, во ред. Тоа е нивно право. Ги разбираме. Одлучиле да бидат заложници на луѓе коишто живеат во средниот век, а не гледаат напред. Тоа е нивна одлука. Нека нѐ остават да си ги решиме домашните проблеми. Нас нѐ интересираат инвестиции, повеќе вработени, добро платени вработени. Ќе се усогласиме согласно европските регулативи. Не сме ние опасност никому. Нема веќе никакво влијание, овде има европско влијание“, рече Мицкоски. 

Тој тврди дека повеќе пет месеци нема ниту еден коруптивен скандал, ниту еден скандал со „Луј Витон“ ташни со милиони внатре, „ниту еден скандал каде што некои мавтаат со европски знаменца, купуваат хотели во центарот на град. Нема тоа. Посветени сме навистина да работиме за граѓаните. Тоа е наша цел“, рече Мицкоски.

„Нека нѐ остават да си ја завршиме домашната задача. И пак ќе биде според правилата на ЕУ, не според други правила. Ние веруваме во вредностите каде што се напредува по заслуга, а не на понижување на другите“, рече премиерот Мицкоски по посетата на фабриката „Костал“.