Мицкоски не сака да биде претседателски кандидат на изборите во 2029 година


 

Премиерот Христијан Мицкоски нема намера да се кандидира за претседател на државата на изборите во 2029 година. На денешната прес конференција тој порача дека по завршувањето на премиерскиот мандат ќе се врати на факултет.

Изјавата ја даде во контекст на разговорите за новиот Изборен законик, при што рече дека се шират шпекулации оти предлогот на ВМРО-ДПМНЕ дијаспората да гласа по електронски пат бил поврзан со негова наводна претседателска кандидатура.

„Еве да им олеснам, нема да се кандидирам. Кога ќе ми заврши мандатот како претседател на Владата, се враќам на факултет меѓу студентите. Немам таква амбиција, ниту желба. Само нека овозможат дијаспората да го оствари своето право на глас по електронски пат почнувајќи од следните претседателски избори“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да ги прифати сите барања на СДСМ и Левица во однос на Изборниот законик, освен барањето да не се воведе електронско гласање за иселениците. Мицкоски упати критики кон политичките партии кои, како што рече, „едно зборуваат зад завеса, а друго прават пред завеса“. Според него, црвената линија за ВМРО-ДПМНЕ останува овозможувањето дијаспората по електронски пат да гласа на претседателските избори во 2029 година.

„Гледам дека во јавноста се шпекулира дека мојот предлог за вклучување на дијаспората во електронското гласање, почнувајќи од претседателските избори во 2029 година, е поврзан со мојата амбиција да се кандидирам за претседател. За да се стави крај на овие шпекулации, сакам јасно да ставам до знаење дека нема да бидам кандидат. По завршувањето на мојот мандат како премиер, ќе се вратам на универзитетот, меѓу студентите. Нема да се кандидирам за претседател на Владата, ниту за шеф на држава, бидејќи немам амбиција ниту желба за таква функција“, нагласи Мицкоски.

„Значи, откако ќе ја ограби Македонија, ќе ја изолира од европскиот пат, ќе го постави своето
судство и обвинителство и ќе ја доведе државата до економски и институционален колапс, сака
мирно да си замине и да се врати во академска кариера“, реагираат од СДСМ.

Според нив такво нешто тој може само да „сонува“ бидејќи не може да си замине како да не се случило ништо.

„Не може да си оди во пензија или на факултет откако ја доведе Македонија во најтешка
изолација во последните децении, откако ја блокираше европската перспектива и откако ја
претвори државата во плен на организирана криминална група. Времето на вистината и правдата доаѓа. Доаѓа моментот кога Македонија ќе се врати на европскиот пат, кога обвинителството ќе биде европско и независно, и кога ќе се бара одговорност од оние кои ја уништија државата. А ние знаеме точно кој е шефот на оваа организирана криминална група која себе си се нарекува ВМРО“.