Мицкоски не го сака законот на Филипче, според него нема да важи за криминалите на СДСМ


Откако денеска лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека направиле грешка со измените на Кривичниот закон и дека затоа предлага да се стави во процедура и заеднички со ВМРО-ДПМНЕ да се изгласа новиот што е подготвен во Министерството за правда, доби јасно „не“ од премиерот Христијан Мицкоски.

Нема таков закон во Министерството за правда. Сега  тие си седнале во партија и си направиле нов закон. Прво си направија закон и ајде со овој закон ќе амнестираме поединци, ќе ги носиме од лево на десно, да му правиме штета на ВМРО-ДПМНЕ. Не им успеа тоа, ете дел се спасија, дел што им беа предметите застарени тужеа и добија оштета. И сега сето тоа е завршено, не важи, жал ни е што погрешивме и потрошивме милиони на граѓаните, ќе седнеме ќе носиме некој закон, а никој жив не знае каков е тој закон. Студент од прва година на факултет знае дека за сите оние дела коишто се сторени изминатиот период и ќе бидат процесуирани, обвинитите ќе го изберат подобриот закон за нив. Сега ние најригорозниот закон да го направиме, да речеме ќе отсекуваме глава на тој којшто ќе го фатиме во криминал, ќе рече јас ќе си го изберам овој бидејќи таму ставот 3 од член 353 го нема бидејќи овие си го избришаа за себе да не одговараат“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Стопанската комора.

Според Мицкоски нов закон ќе се донесе, но по европски стандарди, а не според нечии потреби.

Лани ВМРО-ДПМНЕ беше соучесничка во носењето на измените на Кривичниот законик, правејќи кворум на собраниската седница.