Мицкоски не го дава Тошкоски и ја праќа опозицијата на медицински преглед
Премиерот Христијан Мицкоски застана зад министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, околу трагедијата со мајката и ќерката во Карпош и рече дека на опозицијата ѝ треба медицински преглед затоа што побарала негова оставка.
„Јас не би ја коментирал опозицијата, бидејќи тие бараат оставка секој ден, од секого. Без разлика какви се нивните аргументи, институциите постапуваат. Министерот Тошковски на прес-конференција направи јасна гантограмска ретроспектива на тоа што се случувало, така што јас не би ја коментирал, нашата безидејна, мекотелна опозиција“, рече премиерот порачувајќи дека таа треба да оди на медицински преглед.
Според него, СДСМ е „најголемата опасност за македонскиот идентитет и за македонската држава“ и ги замоли граѓаните со резерва да ги прифаќаат сите лажни конструкции и соопштенија коишто доаѓаат од „Бихаќска“ затоа што се со цел да го разнебитат македонското ткиво и да зададат удар врз македонскиот идентитет.
„Освен тоа што се мекото ткиво на македонскиот идентитет, јас не би ја коментирал нашата опозиција предводена од водство што знаете дека во минатото беше испреплетено во многу криминални и неморални скандали. Таков тип луѓе мислам дека треба да се провери и медицински, нивната деловна способност за тоа дали се способни да ја вршат работата што ја вршат“, рече Мицкоски денеска од Штип.