Мицкоски: Не е важно што бил Ванчо Михајлов, важно е да се затворат бугарските клубови
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека направил грешка што не бил на пратеничките листи на минатите избори и дека на следните ќе биде носител на една од нив
Преземајќи ја кратенката СДС (наместо СДСМ) во обраќањето кон владејачката партија од некои негови соработници, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека е многу важно да се затворат бугарските клубови во Македонија за да се спроведе принципот на реципроцитет. За него клучот е во тоа не дали некој бил или не бил соработник, туку дека е потребен политички реципроцитет. При тоа, Мицкоски наведува дека во Македонија имало 1.500 Бугари, иако на последниот попис како такви се изјаснија 3.500 лица.
„Ако Македонците во Бугарија не можат да имаат свој македонски културен клуб, каде што културно ќе се организираат, ако Македонците во Бугарија не можат да ги уживаат своите права кои што се резултат на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, јас не гледам уште една причина зошто овие 1.500 граѓани на Македонија, кои што се декларираат дека бугарскиот јазик им е мајчин јазик да имаат таков клуб и да се организираат во Македонија“, вели Мицкоски во интервју за порталот „Република“.
Тој вели дека треба „веднаш да се тргне во процес на апликација (на законот), односно затворање на тие клубови бидејќи македонскиот клуб што беше отворен во Бугарија веднаш реагираше бугарската држава и го затвори. Така што не треба да се чека и не треба да се одолговлекува и треба веднаш да се отпочне со затворање на овие клубови кои што се отворени на нашата територија“. „Дали е тоа клуб Ванчо Михајлов или е Цар Борис Трети за мене во политичка смисла е сеедно“, вели Мицкоски.
И дека не треба да се дозволи отворање на ниту еден нов „па макар го носел и името на Пеју (иако во транскриптот на „Република“ стои Перо) Јаворов, Христо Ботев или Димитар Благоев“.
Набројувајќи ги конгресите на ВМРО тој вели дека „претседател на ВМРО во историска смисла на зборот е Иван Михајлов. И да, тој бил во егзил во Загреб каде што живеел и соработувал со тогашната НДХ, која била фашистички, односно нацистички сојузник. Јас не се согласувам со тоа како тој ја управувал таа партија или организација во тоа време, како се однесувал и со кого соработувал. Како што можеби некој по неколку децени нема да се согласува со тоа како јас или некои од моите претходници ја водел ВМРО-ДПМНЕ во историска смисла. Но, ова е континуитет на една организација којашто во современото време станува политичка партија“.
Тој вели СДСМ треба да се „извини пред македонските граѓани за злоделата коишто комунистичкиот режим ги има аплицирано врз македонските дејци, врз македонските патриоти, луѓето кои што се бореле за македонска држава во срцето на Балканот“.
Во ретко признание Мицкоски во интервјуто за „Република“ вели дека направил погрешна проценка кога на последните избори не бил на пратеничките листи: „На минатите избори излегов како кандидат за премиер што можеби од денешна перспектива беше погрешен потег и чекор. На овие избори ќе бидам на една од листите како носител и мандатар за состав на идната влада“.