Мицкоски не би сакал да верува дека Јотова доаѓа во Битола за политичка провокација

БИТОЛА – Ако потпретседателката на Бугарија Илиана Јотова денеска доаѓа во Битола со чесна намера е добредојдена, ако пак доаѓа да провоцира, тогаш треба да наиде на осуда и од власта и од граѓаните на Битола, рече лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој денеска е во Битола по повод прославата на градот – 78 години од ослободувањето од фашизмот.
„Не би сакал да верувам дека тоа е провокација. Македонија е слободна земја, ние сме гостољубив народ, ние сме добар народ, домаќини и домаќинки. Секој кој што е дојден со чесна намера, со добра намера ќе биде добредојден. Ние може само да му подадеме рака и да направиме да му биде престојот овде што поубав. Без разлика дали е тоа потпретседател на Бугарија и на некоја друга држава. Сѐ додека има чесна намера е добредојден, доколку нема чесна намера и доколку оваа посета се користи за политичка провокација треба да наиде на осуда од страна на властите и на осуда од граѓаните на Битола и сите општествено политички чинители. Но, јас сум убеден дека, и се надевам дека посетата е од приватен карактер и е со добра намера, а не со намера да се провоцира скандал и реакција од овој мирољубив народ, кој што и во минатото се покажал како добар домаќин“, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски во Битола.
Потпретседателката на Бугарија, Јотова, денеска попладне се очекува да допатува во Битола како гостинка на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, во како што е најавено сопствена режија и агенда, што случајно или не, се поклопува со прославата на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола од фашизмот.
Јотова вечерва ќе биде во ресенското село Евла, а утре на средба со бугарскиот конзул во Битола, а ќе положи цвеќе и на гробиштата на паднатите бугарски борци од Првата светска војна во село Цапари, битолско. (А.Б.)